Македонија

Македонија утре во жолта фаза, бремените и болните да не работат

Македонија утре во жолта фаза, бремените и болните да не работат

Источна Македонија утре, четврток, ќе биде зафатена со жолта алертна фаза. Топлото време ги активираше надлежните кои донесоа препораки и мерки за заштита на граѓаните по најавите за топлотен бран на територијата на целата држава.

Владата вчера, по предлог од Министерството за здравство донесе препорака за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, во периодот од денес (22 јули) до вторник (28 јули).

-Во истиот период, се препорачува на работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот. Препораките се донесени имајќи предвид дека подолг период државата е зафатена со повисоки температури, кои според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи ќе продолжат во претстојниот период до почетокот на следната недела, се вели во соопштението од Министерство за здравство.

За граѓаните од целата држава важат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, носење светла и лесна облека, избегнување престој на отворено, консумирање лесна храна, термички обработена храна и повеќе течности (а да се избегнува консумирање на лесно расиплива храна), редовно одржување хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

z--fazaolta

Исто така, сите заинтересирани граѓани имаат можност да добијат здравствен совет и превентивни препораки за заштита од високи температури во рамки на здравствените пунктови поставени во сите градови во државата, секој ден од 18.30 до 21.30 часот, каде се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот. На територијата на град Скопје се поставени три мобилни пунктови, од кои еден се наоѓа на пешачката патека кај реката Вардар и по два мобилни пункта се распоредени во сите скопски општини.

Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk.