Македонија утре во жолта фаза

Во текот на утрешниот ден со топлотен бран од жолта фаза ќе биде зафатена територијата на цела држава, односно ќе имаме температури до 40 степени Целзиусови, кои ја дефинираат жолта фаза.

Потребно е граѓаните од цела држава да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Во продолжение се општи препораки за заштита на населението од високите летни температури:

1. Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.

3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.

4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.

6. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, потребно е почитување на следните препораки:

Ø  задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.

Ø  Термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.

Ø  Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.