Македонија влезе во програмата „Креативна Европа“

Денеска во Брисел се потпиша Договорот за учество на Македонија во програмата „Креативна Европа”, програма на Унијата наменета за културните и креативните сектори. Со потпишувањето на Договорот, Република Македонија стана официјален учесник во потпрограмата Култура на Креативна Европа, а македонските културни оператори се полноправни корисници на програмата.

Поддржаните 58 проекти од програмата „Култура 2007-2013“ на ЕУ, која беше во важност пред програмата „Креативна Европа“ несомнено, се сигурен показател дека Министерството за култура и македонските културни оператори и во иднина ќе ја продолжат својата интеграција во рамките на европскиот културен простор.

Градењето на институционални и професионални капацитети како и транснационалната циркулација во културниот сектор се приоритети на потпрограма Култура во рамките на програмата „Креативна Европа“. Особен акцент е ставен на креирање на нови пристапи за развој на публиката (конзументите) во културниот сектор и градење на одржлива публика на европско ниво. Учеството во новата програма ќе ги конкретизира потребите на културниот и на креативниот сектор во Република Македонија во еден поширок европски контекст.

Програмата Креативна Европа е усвоена од Советот на Унијата на 5 декември 2013 година, а се однесува на периодот од 2014 до 2020 година. Во стратешка и политичка смисла, програмата Креативна Европа произлегува од актуелните политики на Европската унија: Стратегијата 2020 на Унијата и Лисабонската стратегија. Концептуално, новата програма се базира врз позитивните искуства на трите програми Култура, Медиа и Медиа Мундус (од 2007 до 2013 година), кои редизајнирани се присоединети во новата програма. Буџетот на новата програма изнесува 1.5 милијарди евра за перидот од седум години, а е наменет за аудиовизуениот сектор (потпрограма Медиа), културниот и креативните сектори (потпрограма Култура) и за меѓусекторска соработка.