Македонија во чест на свети Кирил во Рим

Државно-црковна делегација од Република Македонија денеска ќе се поклони на гробот на свети Кирил во Рим, во рамки на традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“. Делегацијата ќе ја предводи министерот за надворешни работи Никола Попоски, а со молебенот на гробот на светителот ќе чиноначалствуваат митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен.

Поради службени обврски денеска во Москва, претседателот Ѓорге Иванов во Рим ќе престојува во петок и ќе ја предводи државно-црковната делегација на аудиенцијата кај папата Франциск. Иванов задутре во Апостолската палата ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пиетро Паролин.

Во делегацијата за чествување на свети Кирил е и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, а во нејзини рамки утре ќе има музичка програма со настап на етногрупата „Баклава“ во театарот Ghione во Рим.

Свети Кирил (Константин Филозоф) бил роден во 826/827 година во угледно византиско семејство од Солун. Бил седмо и најмало дете на Лав и Марија кои му овозможиле врвно образование. Од византискиот двор и Цариградската партијаршија бил испратен во три историски мисии – кај Сарацените, Хазарите и кај Словените во Панонија и Моравија, каде што учествувал заедно со својот најстар брат Методиј. Првите две мисии имале државно-верски карактер, а третата мисија била просветителска. Таму биле испратени од византискиот император Михаил Трети на барање на моравскиот кнез Ростислав. Со неа солунските браќа ги поставиле темелите на словенската култура и просвета.

Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на неговиот роден Солун, кој го знаел од детството, Константин ја составил првата словенска азбука – глаголица со 38 букви. Говорот на македонските Словени го издигнал на ниво на прв книжевен јазик. Со Методиј и нивните вредни ученици со новото писмо превеле црковни книги од грчки на старословенски јазик и во 863 година подготвени тргнале во нов поход, на мисија во Моравија, каде што останале 40 месеци. Нивната макотрпна работа резултирала со преполни цркви и луѓе кои првпат слушнале богослужба на разбирлив јазик за нив.

По Цариград, и Рим официјално го признал словенскиот јазик за рамноправен со другите. Папата бил убеден во оправданоста на Моравската мисија и во разумното тврдење дека секој народ треба на својот јазик да разговара со Бога, па лично ги зел во заштита словенските книги и ги осветил. Во Светата столица била отслужена богослужба на словенски јазик. Напредните ученици добиле свештенички чинови, а и Константин во Рим стапил во калуѓерски ред и го добил монашкото име Кирил. Таму и починал на 14 февруари 869 година, завршувајќи го животот изнемоштен и болен на 42 години. Закопан е во базиликата Св. Климент (Сан Клементе).

Битката за писменоста на Словените не престанала. Неа уште 16 години ја водел братот Методиј, до својата смрт во 885 година. Моравската мисија завршила со прогонство на нивните ученици. Некои од нив исчезнале, некои биле продадени како робови, но тројца истакнати – Климент, Наум и Ангелариј, го продолжиле просветителското дело на југ.

За животот и делото на Кирил и Методиј има огромна библиографија, напишани се над 10.000 студии, прилози и статии. Има голем број фрески и икони инспирирани од нив, а многу цркви и образовни институции го носат нивното име. Тие се патрони на Скопскиот универзитет. Во 11 век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје.

Чествувањето со различни манифестации продолжува до денеска, а меѓу нив централно место има поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата Св. Климент во Рим. Првпат е организирано во 1969 година, за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.