Македонија,Економија

Македонија во КОСМЕ-програмата на ЕУ вредна 2,3 милијарди евра

Македонија во КОСМЕ-програмата на ЕУ вредна 2,3 милијарди евра

Република Македонија од денеска учествува во европската програма КОСМЕ за конкурентност на мали и средни претпријатија чиј буџет изнесува 2,3 милијарди евра, пренесува МИА од Брисел.

Македонскиот министер за економија, Беким Незири, во просториите на Европската комисија во европската престолнина, заедно со еврокомесарот за индустрија и претприемништво, Нели Ферочи го потпишаа договорот за учествo вo нашата земја во оваа програма на Европската унија за периодот од 2014 до 2020 година.

Како што изјави министерот Незири за МИА по потпишувањето на договорот, КОСМЕ-програмата, која стартуваше годинава, има за цел да ја поттикне конкурентност на компаниите преку обезбедување подобар пристап до финансии, бизнис-услуги за поддршка и промоција на претприемништвото за мали и средни претпријатија, постоечки и потенцијални претприемачи и бизнис-организации за поддршка на развојот на бизнисите.

– Основни цели на оваа програма на ЕУ се зајакнување на конкурентноста и одржливоста на претпријатијата, осбено малите и средните претпријатија, како и поттикнување на претприемничка култура и промовирање создавање и развој на мали и средни претпријатија, кои се целна група на КОСМЕ-прогрмата, истакна министерот Незири за МИА.

Структурата за реализација на активностите на КОСМЕ-програмата  се состои од четири компоненти. Најпрво, македонските банки, кои министерот за економија ги повика да учествуваат во оваа програма, треба да аплицираат со цел да се поддржат компании од нивно создавање, пркеу развој и експанзија, за што 60 проценти од средствата на банката ги обезбедува ЕУ со оваа програма. Потоа, се обезбедува пристап до нови пазари, со помош за ширење на бизнисот на единствениот пазар на Унијата и намалување и усогласување на националните регулативи.

Како трета компонента на КОСМЕ се подобрувањето на рамковните услови, со цел да се поттикне креирањето политики засновани на податоци на земјите-членки, регионите и други земји. Последна компонента од оваа програма на Европската унија е промовирање на претприемништвото со цел промовирање на истото и социјална економија, а со градење на знаење, вештини и претприемничка култур, промовирање на подобри услови за корпоративна општествена одговорност.

– Ја повикувам бизнис-заедницата во Република Македонија во што поголем број и со што поквалитетни проекти да се вклучи во реализацијата на програмата на ЕУ за конкурентност на мали и средни претпријатија. Поттикнувајќи ја конкурентноста на компаниите ќе придонесе за поголем економски развој, а од друга страна ќе ја покаже и нашата зрелост и подготвеност како земја да пристапиме рамноправно кон европското семејство – додава министерот Незири.

Посочувајќи дека учеството на Република Македонија во оваа програма, за што нашата држава плати влезен билет од 188.000 евра, земјата уште повеќе ќе ја приближи кон ЕУ, еврокомесарот Ферочи истакна дека оваа размена на мислења го формализира договорот за продолжување на вашата земја во програмите на Еврокомисијата.

– Ова е многу важен настан и ние сме многу среќни што одлучивте да се приклучите на оваа програма која е наменета за помош на малите и средни претпријатија во напорите да станат што е можно повеќе конкурентни на нивниот внатрешен пазар, но и на меѓународниот пазар – истакна комесарот за индустрија и претприемништво, Нели Ферочи.

Македонскиот министер Незири, пак, додаде дека приклучувањето кон КОСМЕ е продолжение на програмата за конкурентност и иновации (ЦИП) за 2007 до 2003 година, која создаде рамка за поддршка на конкурентноста, продуктивноста, иновативноста и одржливиот развој.

– ЦИП-програмата имаше буџет од 3,6 милијарди евра и буџетот за одобрени проекти на македонските субјекти, заклучно за 2013 година изнесуваше 4,8 милиони евра од кои 3,3 милиони евра беа во рамки на Потпрограмата за за претприемништво и иновации, а 1,5 милиони евра за Потпрограмата за паметна енергија на Европа – додава минситерот Незири.