Македонија во репортажа на Ен Би Си “ги збесна” Грците

“Од Бразил до Македонија – карневалите запалија разнобојни прослави”, е насловот на фото репортажата на еден од највлијателните светски медиуми Ен Би Си посветена на карневалите ширум светот кои што се одвиваа во овој период. Од сите земји во светот Ен Би Си во репортажата застапи само 12, меѓу кои и нашата земја, а од сите нив во насловот на репортажата се најдоа само Македонија и Бразил.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина и овој пат не изостана нервозната реакција на јужниот сосед, како традиција секогаш кога ќе се споменат Македонија и Македонците.

“Ен Би Си провоцира – ‘ФИРОМ’ ја нарече Македонија”, е насловот под кој порталот Брифингњуз гневно го коментира фактот што во репортажата на Ен Би Си пишува Македонци и Македонија.

Иефимерида пак пишува дека иако меѓународната заедница наводно решила дека нашето официјално име ќе било поранешна југословенска Република Македонија, една од како што велат “најпрестижните телевизиски мрежи во светот, Ен Би Си” решила да не нарекува едноставно Македонија.

Утеха за Грците е тоа што во текстот под фотографијата од Струмичкиот карневал стоело дека градот се наоѓа во пјР Македонија, но на авторот на репортажата му замерија што        “и овде повторно направил промена” и не нарекол Македонци.

“На овој ден Македонците ја одбележуваат Прочка, православен христијански празник кога злите духови се бркаат со ритуални танци”, се вели во текстот на Ен Би Си.

Меѓу 12 те држави во репортажата,  веднаш под Македонија, се најде и Грција, но се чини дека фокусот на јужниот сосед сепак е насочен кон друго место.