„Македонија вработува 2“: Финален удар против невработеноста

Владиниот проект „Македонија вработува“ влегува во втора фаза. Планирано е да се отворат до 20 илјади работни места. Државата под мотото „Борбата за работи места продолжува“ се подготвува да и зададе финален удар на невработеноста во земјава. Ако се повторат постигнатите резултати од претходниот пат, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе ја исполни својата цел да ја спушти стапката на невработеност од актуелните 24,5% на 22% до 2018-та година, пишува  Лидер.

За време на спроведувањето на проектот од првиот квартал лани до првиот квартал годинава невработеноста е намалена за 2,8 проценти, а токму проектот „Македонија вработува“ е главниот двигател на намалување на невработеноста и отворање нови работни места, вели вицепремиерот Пешевски.

makedonija-vrabotuva-spasov-pesevski

Се намали невработеноста во Македонија за 2,8 отсто во период од една година. Се подигна нивото на социјалниот дијалог во Македонија и се надеваме дека со овој проект и во иднина ќе се подобри стандардот на сите вработени во Република Македонија“, вели Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Што покажуваат бројките од првата фаза?

За една година од спроведувањето на проектот „Македонија вработува“ се вработени околу 19 илјади луѓе во над 10 илјади компании. Вработени се 4.154 млади до 29 години возраст, 7.648  на возраст до 35 години, 2.666 лица меѓу 35 и 50 години, 3.400 над 50 години возраст, 845 над 58 години возраст и 196 од ранливи категории.

Посебно значајна компонента е што ние како синдикат долго време се боревме како и на кој начин да обезбедиме егзистенција за повозрасната категорија работници, на работници кои претходно нивните претпријатија како резултат на притисокот на транзицијата и на приватизацијата заминале во стечај. Значи, се овозможува вработување на таа исклучително ранлива категорија на повозрасни работници, вели првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски.

Интересна е и образовната структура на луѓето кои се вработија.

Деветнаесет илјади лица се вработени на територија на цела Република Македонија од различен образовен статус и од различна возраст, што значи дополнителен приход за 19.000 македонски семејства, вработени во компании од најразлични дејности по големина, што обезбедува услови за раст во стопанството, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.Работни места преку проектот „Македонија вработува“ отвориле микро, мали, средни и големи компании од сите градови во земјава.

Според економистите, ослободувањето од придонеси ги мотивира компаниите целосно да ги искористат потенцијалите, а тоа влијае на дополнително намалување на стапката на невработеност во земјава.

Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност, објаснува професорот Јован Пејковски.

Бизнисот најавува нови работни места!

Социјалните партнери подготвени ќе го дочекаат продолжувањето на проектот „Македонија вработува“. Очекуваат да се отворат нови работи места, да се поттикне претприемништвото, но и да се намали сивата економија.

Проектот е значаен заради тоа што обезбедува и други дополнителни цели – го обезбедува поттикнувањето на вработувањето, елиминирање на нелојалната конкуренција која е присутна насекаде, па и кај нас, вели Митревски.

Проектот „Македонија вработува“  му овозможи на приватниот сектор да отвори нови работни места преку финансиски олеснувања.

Со проектот се намалија трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување намалено за социјалните придонеси е своевидна директна помош. Се работи за можност за компаниите да селектираат добра работна сила, оцени првиот човек на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.

Од 27 до 37 проценти изнесува заштедата за едно отворено ново работно место од платата, односно за секоја приватна компанија во просек заштеда изнесува околу две илјади евра годишно, објаснува министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

На овој начин, ќар имаат и компаниите и невработените.

Компаниите дојдоа до работници за коишто имаат многу помали трошоци, за кои не плаќаат различни давачки кои вообичаено ги плаќаат, како што се персонален данок на доход и придонеси, а од друга страна, луѓето дојдоа полесно до вработување затоа што компаниите беа охрабрени и им беше помогнато со пониски трошоци да вработат луѓе, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Нема опасност – предвидени се контролни механизми

Проектот „Македонија вработува“ овозможува заштита на работниците кои се веќе вработени во приватните компании. Постои систем и механизам на заштита на постоечките вработени во приватните компании и е невозможно тие да се отпуштат, за на нивно место да се вработат други луѓе преку овој проект.

Со предвидените измени ќе се надминат некои слабости во досегашната имплементација и не се дава можност за злоупотреби преку затворање на одредени компании и отворање на други. Значи, секој капитал или поврзаност на тие компании ќе биде пречка за искористување на овие привилегии, вели првиот човек на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

Кои категории се опфатени со проектот?

Проектот „Македонија вработува“ се однесува на пет категории.

Првата се невработени млади до 35 години, за кои работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси и персонален данок три години. Работодавачот е должен да ги задржи на работа  уште 12 месеци по истекот на периодот за кој што е ослободен од плаќање придонеси.

Втората категорија се долгорочно невработени од 35 до 50 години, за кои има ослободување од придонеси пет години. Работодавачот е должен да го задржи работникот најмалку 6 години.

Со третата категорија се опфатени невработени над 50 години за кои ослободувањето од придонеси е 60 месеци.

Четвртата категорија се невработени над 58 години, за кои работодавачот е ослободен од плаќање придонеси до пензија.

Петтата категорија се невработени лица со социјален ризик. Ослободувањето од плаќање на придонеси е пет години.