„Македонија вработува“ финишира во петок, отворени 17.500 нови работни места

Ослободувањето од плаќање на социјални придонеси може да се движи од три па до се до шест години. Според пресметките, за едно отворено ново работно место преку проектот „Македонија вработува“ заштедата изнесува околу 1.500 евра годишно за секоја приватна компанија која што ќе отвори работно место преку овој проект.

Според експертите, проектот донесе бенефит и за компаниите и за невработените лица. На компаниите преку ослободувањето од плаќање на придонеси, проектот и помогна забрзано да работат на својот развој, намалувајќи им ги трошоците, додека истовремено, проектот овозможи дополнително намалување на стапката на невработеност.

Со проектот се намалија трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување намалено за социјалните придонеси е своевидна директна помош. Се работи за можност за компаниите да селектираат добра работна сила, вели првиот човек на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.

Што донесе „Македонија вработува“?

„Македонија вработува“ стартуваше во април 2015-та година, како проект за дополнително раздвижување на економијата, отворање нови работни места за луѓе на различна возраст и со различен статус. Приватниот сектор се стимулираше да отвори нови работни места преку финансиски олеснувања. Со проектот се опфатија неколку категории луѓе.

Во првата група влегоа невработените до 35 години, без заснован работен однос или со претходно заснован работен однос, но пред вработувањето со мерката, најмалку три месеци биле без работа. За нивно вработување компаниите се ослободија од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и од персонален данок на доход во траење од три години. Сепак, фирмата има обврска да го задржи работникот уште една година по истекот на овие три години.

Во втората група влегоа работниците од 35 до 50 години, кои во последните 15 години биле најмалку 10 години невработени и најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос. За овие лица, работодавачот се ослободува од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување во рок од 5 години, со обврска да се задржи работникот уште плус една година.

Во третата група влегоа невработените над 50 години, а во четвртата невработени во ризик, односно родители на три или повеќе деца, самохрани родители, приматели на социјална парична помош, деца без родители, жртви на семејно насилство, лица со инвалидитет, професионални војници, родители на деца со пречки во развојот. За нив, работодавачот се ослободи од плаќање придонеси во траење од 5 години, без други обврски.

Петтата група ги опфати највозрасните со над 58 години, за кои работодавачот се ослободи од плаќање придонеси до пензионирање на работникот. Оваа категорија беше особено важна за Синдикатот, бидејќи работниците на оваа возраст немаат многу опции до пензионирање, во случај да останале без работа.

Невработеноста на историски најниско ниво

Невработеноста се намалува, а тоа го покажува и статистиката – стапката на невработеност во последниот квартал се намали на историски 24,6%, најмногу благодарение на спроведените мерки за поттикнување на вработувањето.

Ние долго време имавме мака на кој начин и под кои услови тие работници да се вработат, бидејќи голем дел од стечајните работници имаа проблеми при нивното вработување. Сега со овие мерки и со самите бенефити што им се даваат на работодавците, во поглед на плаќањето на социјалните придонеси и на персоналниот данок, мислам дека се создаде една реална атмосфера на пазарот на трудот, вели првиот синдикалец, Живко Митревски.

Истовремено, со проектот „Македонија вработува“ им се овозможи на фирмите да ги искористат човечките потенцијали.

Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност, објаснува професорот Јован Пејковски.

Пресметката покажува дека само преку два проекта кои се реализираат во изминативе две години, „Македонија вработува“ и „Вработување млади до 29 години“, се креирани повеќе од 25 илјади работни места.