Македонија загуби и од Аргентина

Македонската женска кадетска репрезентација го загуби и вториот натпревар на Светското првенство што се одржува во нашата земја. Избраничките на тренерот Аце Станковски овој пат загубија од Аргентина со 24:22 и ги намалија шансите за пласман во главната фаза. Во неизвесен дуел двете репрезентации се менуваа во водство, а резултатот најчесто беше нерешен. Причината за поразот македонскиот селектор Аце Станковски ја гледа во многуте грешки.

„Направивме толку многу грешки што беше невозможно да победиме. Утнувавме чисти шутеви, правевме неизнудени грешки и тоа на крајот ни се одрази на резултатот. Ова се млади играчи, се случуваат и падови и подеми. Нас ни се случи пад, се надеваме само дека во наредните денови ќе го поправиме впечатокот”, изјави Станковски.
Најефикасна на натпреварот беше Мисеала Касасола со 8 голови, додека кај Македонија Сара Ристовска постигна 6 голови.
До крајот на дуелите во Ц групата во Струмица, Македонија ќе игра против Романија (денеска 17:15 часот), светскиот првак Данска и Узбекистан.