Магазин

Македонија- земја на гурманите и гостопримството

Македонија- земја на гурманите и гостопримството

Македонија е земја на вкусот. Ако седнеш да јадеш апетитот ќе ти се зголеми уште по првиот залак од храната, која што ќе ти ја донесат. Ако се напиеш само една голтка вино, веќе никогаш не ќе можеш да ја згаснеш жедта. Тука луѓето знаат како да и се насладат на храната, а јадењето е своевиден ритуал. Ова се наведува во текстот насловен „Македонија – земја на гурманите и на гостопримството“ што го објави бугарскиот весник „24 Часа“.

Многуте сончеви денови се извор на богатите вкусови и ароми во македонската кујна. Регионот се одликува со клима, која е подобна за одгледување овошје, зеленчук и разновидни билки и зачини. Секоја година, овоштарниците и градините се полни со неверојатно вкусни плодови, бочвите се полни, а месото е природно и исклучително квалитетно. Во Македонија е лесно да се одговори на кулинарските желби на секого – како на оние кои сакаат специјалитети од месо или риба, така и на оние кои претпочитаат разнообразна вегетаријанска храна. Секое годишно време има определена сезонска храна, а секој крај има свој специјалитет. Едноставно, ви се отвора голем избор на храна и при тоа не може да згрешите.

Долината на вкусовите ја задоволува жедта на секој турист, кој ќе дојде да го дегустрира најквалитетното македонско вино. Има една легенда според која некогаш во најсушниот регион во Македонија – Тиквешкиот имало повеќе вино отколку вода.

Во античка Македонија се одржувале т.н. „Денови на Дионис“ во чест на богот на виното. Секоја голтка македонско вино е совршенство дадено од боговите. Лозарите за свој заштитник го имаат Св. Трифун, а 14 февруари е денот посветен на тој светец. Тиквешките лозари го одбележуваат со различни обичаи. Рано изутрината се оди во црква, се зема светена вода, се попрскува лозјето и ритуално се закројува.

Македонија има 280 сончеви денови подобни за одгледување винови лози со богатство од предизвикувачки ноти на моќни и уникатни ароми. Во срцето на Балканот во долината на Вардар се произведуваат исклучително квалитетни чисти вина и група од егзотични домашни сорти како Станушина.

„Станушина“ е стара македонска автохтона сорта грозје, која не расте никаде на друго место во светот. Таа може да се најде единствено во Тиквешкиот регион во Македонија. Целата историја на Македонија може да се раскаже преку неа, бидејќи во тој регион постои во сите периоди од создавањето на државата.

Македонските винарски визби целосно ги отвораат вратите за сите посетители. Тие заедно со екипа на сомелиери, на весел, неформален и релаксирачки начин може да дегустираат вина во комбинација со различни видови храна.

Ве каниме на деликатесна и винска турнеја, која ќе ви помогне да ги научите тајните на неоткриената Македонија.