Македонија

2.000.000 евра за нови вработувања

2.000.000 евра за нови вработувања

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска се обрати по повод отпочнувањето на проектот “Поддршка за вработувањето на млади луѓе, невработените и жени“.

-Невработеноста е еден од основните  предизвици  кој бара системски пристап, и токму затоа е во нашиот заеднички фокус. Наша обврска и наша цел е преземање на конкретни активности, ефикасни и суштествени политики со кои ќе влијаеме на решавањето на суштинските предизвици и ќе помогнеме во континуирано намалување на невработеноста, во борбата за создавање на нови работни места.

Вложуваме многу енергија и напори, за да излеземе во пресрет на  она што е потреба на работодавците, на бизнис секторот и од друга страна на она што се нарекува компетенција и вештина на невработеното лице.

Впрочем тоа е обврска која ја имаме како институции, да влијаеме на прилагодување и унапредување на понудата и побарувачката на работни места. Да создаваме можности, особено за вработување на младите, жените и долгорочно невработените лица”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Понатаму, министерот Спасов се осврна на целите на проектот „Поддршка за вработување на младите луѓе, долгорочно невработените и жените“ и рече: “Новите времиња носат и нови предизвици во процесот на барање работа и вработување. Знаењата кои се здобиваат во формалното образование се основата која и понатаму треба да се гради, едноставно тие мора да се прошируваат и надградуваат со нови вештини.

Токму тоа се целите кои сакаме да ги постигнеме преку проектот „Поддршка за вработување на младите луѓе, долгорочно невработените и жените“, како втор директен грант на Агенцијата за вработување на Република Македонија со финансиска подршка на Европската Унија.

dime--500Таа поддршка е признание за успешноста на приоритетите на политиките на пазарот на трудот кои ги реализираме како Националната стратегија за вработување и преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2015 година”.

За очекуваните резултати, пак, Спасов рече: ”Со вториот директен грант, ќе се придонесе за збогатување на активностите на Агенцијата за вработување како директна поддршка за невработените лица, преку активните мерки за вработување, или поточно преку мерката  практикантство ќе се овозможи на 1000 невработени млади лица до 29 години да посетуваат обуки за  практикантство и на 1000 лица да посетуваат обуки  кај познат работодавач во реални работни услови. Исто така, предвидено е 2000 невработени лица да се вклучат во  обуките за општи вештини (учење на странски јазици и основни комјутерски вештини)  и 720 долгорочно невработени лица во обуки за вештини дефицитарни на пазарот на труд од кои 220 лица ќе се вклучат во обуки за напредни ИТ вештини.

Спроведувањето на овој  проект за кој се издвоени над 2.000.000 евра, значително ќе придонесе за надминување на невработеноста и поддршка на околу 5000 невработени лица и тоа млади лица на возраст до 29 години, долгорочно невработените  и жени, за полесно вклучување на пазарот на труд кои ќе се здобијат со вештини кои се барани на пазарот на труд”, потенцираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Клучна придобивка  од спроведените активности од проектите ќе биде дефинирањето и понатамошно финансирање на ваков тип на активни програми и мерки за вработување во иднина. Овој проект претставува директна поддршка на стратешките определби од страна на Европската Унија за зголемување на стапката на вработеност и намалување на невработеноста, за што министерот Спасов им изрази  благодарност.

“Сите овие мерки кои ќе се реализираат со овој директен грант како и останатите проекти кои вродуваат со реални и солидни резултати: како програмите за самовработување, субвенционирано вработување, различните видови на обуки кои ги спроведува агенцијата, мерката за вработување на млади, како и новиот проект ”Македонија вработува” за кој очекувам да стапи во примена до крајот на месецов и да отвори нови работни места и за оние помладите до 35 години со 3 години ослободување од плакање придонеси, и за оние повозрасните од 35 до 50 години, како и ранливите категори приматели на социјална помош, инвалидите и родителите на деца со пречки во развојот со ослободување од плаќање на придонеси од цели 5 години и за оние над 58 години со целосно ослободување од придонеси до пензионирање.

Со сите овие мерки, со кои создаваме услови за зголемување на учеството и отворање на нови работни места, и спроведување програми и мерки кои ќе ги зголемат компетенциите и вештините на невработените лица на пазарот на трудот во насока за нивна поголема вработливост, недвосмислено ќе влијаат и на понатамошно продолжување на интензивниот пад на невработеноста кој во моментов е на најниско ниво од 27,6 % согласно последниот квартал”, заврши Спасов.