Ако до понеделник не биде објавена новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ следуваат нови избори

Раководството на ДУИ е пред одлука за избор на колициски партнер од македонскиот блок за формирање на новата влада. Во текот на денешниот ден се очекуваат нови средби на потесното партиско раководство во Мала Речица и за сега нема информации кога би се одржала седница на централното претседателство на ДУИ на која би се разгледувале евентуалните одлуки, откако вчера околу пет часа траеа средбите на првиот човек на ДУИ Али Ахмети со потпретседателите на неговата партија во Мала Речица.

„Се уште ги анализираме сите опции коишто се поставени на маса, сите аргументи за и против, знаеме за одлуката и важноста на оваа ситуација и таа е деликатна. Знаеме дека роковите се кратки, но конечна одлука немаме. Пред се ни е интересот на граѓаните и на државата, немавме централно претседателство, туку состанок на Ахмети со другите членови на кој се анализираше секој аргумент“, изјави портпаролот на партијата Бујар Османи, по вечерашната средба.

Политичките аналитичари очекуваат во понеделник да биде објавена новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Моите очекувања се дека ставот ќе го има во недела, бидејќи тоа е последен ден кога треба да се одлучи со оглед на тоа дека 29-ти се паѓа во недела, веќе во понеделник очекувам дека ќе биде објавена новата влада помеѓу победниците на овие избори, а тоа се ВМРО-ДПМНЕ од македонскиот блок и ДУИ од албанскиот кампус“, смета аналитичарот Александар Даштевски.

Според него, условите за таквата коалиција би биле интегративците да го министерството за внатрешни работи или за финансии, преку кое би ги контролирале фондовите наменети за западна Македонија, барањата од албанската платформа за албанскиот јазик да биде уредени со измени и дополнувања на Законот за употреба на јазиците.

„Во однос на Специјалното јавно обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ има крут став, а сметам и дека тоа не може да биде основа за формирање на новата влада, тоа евентуално би можело да се реши преку некоја модификација, или отстапката да биде тоа што мандатот на СЈО би траел до 30-ти јуни, односно 18 месеци од моментот кога биле предадени преслушуваните разговори до нив, а не фо 15-ти март, како што предвидува законот за СЈО, односно 18 месеци од моментот на формирање на оваа институција“ посочува Даштевски.

Во однос на информациите кои деновиве излегоа во јавноста дека еден од условите е формирање на владин состав со претставници на ВМРО ДПМНЕ кои не се опфатени од истраги на Специјалното јавно обвинителство, универзитетскиот професор, вели дека тоа е спротивно на сите меѓународни конвенции, а особено на конвенцијата за човекови права. Доколку, пак не се испочитува принципот победник во македонскиот со победник во албанскиот блок и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ не состават нова Влада, аналитичарите велат решението е нови избори.

„Мислам дека нема да се дозволи некој што не победил на избори да дојде на власт и оттука единственото решение е спроведување на нови парламентарни избори“, вели Даштевски.

И aналитичарот Тони Науновски посочува дека ако мандатарот не формира параламентарно мнозинство тогаш треба да се распишаат нови избори. „Ако не се формира влада според уставните интерпретации на професорите по уставно право, тие велат дека ако мандаторот од било какви причини не успее да формира парламентарно мнозинство се распишуваат нови избори. Тоа е единствената правна интерпретација на уставот“, потенцира Науновски.

Мандатот за формирање на нова влада е во рацете на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски, кој има рок до недела да го обезбеди потребното мнозинство пд 61 пратеник.