Македонија,Економија

Анѓушев: Фокусот на Владата во поддршка на компаниите, инфраструктурата и енергетиката

Анѓушев: Фокусот на Владата во поддршка на компаниите, инфраструктурата и енергетиката

Поддршка на сите компании без разлика дали се странски или домашни и поддршка за инфраструктурата и енергетиката се главните столбови на кои ќе се темели економската политика на новата Влада во следниот период, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

На прес-конференција во Владата, Анѓушев истакна дека е подготвена програмата за индустриски раст и зголемување на конкуретноста на македонската економија која, како што рече, ќе биде најавена во среда, а повеќе детали ќе бидат соопштени во четврток.

Мерките кои Владата ќе ги предложи ќе се однесуваат на сите економски субјекти во Македонија, односно и на странските и на домашните компании. Ќе има мерки и за малите, средните и микро претпријатијата, а ќе има и фонд наменет за бизнис акселератори и за формирање на старт ап компании по примерот на израелската економија.

  Единствен критериум којшто ќе мора сите компании да го исполнат за да бидат поддржани од Владата е да прикажат пораст, односно ќе бидат одредени средства кои во нивните компании ќе бидат вратени по постигнатите резултати, рече вицепремиерот Анѓушев.

Следните денови, како што најави Анѓушев, Владата ќе излезе и со информација за државната помош која им е давана на странските инвеститори. – Тие бројки ќе бидат кумулативни. Не сакаме да имаме влијаение врз работењето на поединечни компании. Тие се сите добредојдени и понатаму ќе бидат поддржани, нагласи вицепремиерот.

Посебно место во следниот период ќе биде посветено и на развојот на енергетиката и изградбата на гасоводната инфраструктура. Вицепремиерот за економски прашања посочи дека веќе во следниот период ќе биде воведена евтината дневна тарифа на струјата, но оти тоа нема да значи покачување на струјата.