ЦУК со јапонската JICA започнуваат проект за намалување на ризиците од природни катастрофи

Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA), во четвртокот потпишаа заеднички документ кој претставува основа за импементација на Проектот за градење капацитети за намалување на ризици од катастрофи во областа на животната средина (ECO DRR) преку одржливо управување со шумите.

Основната цел на овој проект е да се развие модел на Екосистемски-базирано намалување на ризиците од катастрофи (Eco-system based Disaster Risk Reduction – ECO-DRR) во Република Македонија против природни непогоди, преку употреба на повеќекорисничката функција на шумите, односно зајакнување на нивната заштитна вредност. Крајната цел на проектот е долгорочно да се намалат ризиците од поројни поплави, лизгање на земјиштето, ерозија на почвата и шумските пожари.

Потпишувањето на главниот проектен документ овозможува во наредниот период од страна на JICA да се пристапи кон подетална анализа и верификација на предложените проектни активности, со цел нивно прифаќање и кон крајот на оваа година започнување со имплементација на проектот. Како основа за утврдување на потребата од ваква проектна интервенција, претставуваа анализите на зачестените ризици од катастрофи, кои во последните години предизвикаа загуби на човечки животи, оштетувања на материјални добра, инфраструктура, како и голем степен на деградација на животната средина (екологијата). Покрај другото, причините за овие катастрофи се поврзани со недоволна искористенот на заштитните функции на екосистемот, пред се, на шумите, кои во подолг период се изложени на загуби и штети, предизвикани од шумски пожари, неконтролирани активности на човекот, загаденоста на животната средина и слично.

Во процесот на имплементација на проектините активности се предвидува широка меѓусекторска соработка и вклученост на повеќе субјекти, како што се: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП Македонски шуми, Министерството за животна средина и просторно планирање, Високо-научни и образовни установи, Единици на локалната самоуправа, локлната заедница и други.

Во рамките на овој проект ќе бидат спроведени конкретни мерки за зајакнување на екосистемот на повеќе локации во Македонија, со крајна цел да се зголеми нивната отпорност на ризиците од катастрофи поврзани со поројни поплави, лизгање на земјиште, ерозија на почви и пожари на отворен простор. Проектот ќе овозможи присуство и можност за соработка со експерти од Јапонија од наведените области, со што ќе се обезбедат основи за трансфер на знаења и искуства од земја која е лидер во светот во оваа област, каде преку системски мерки се намалува ранливоста и изложеноста на ризици од катастрофи.

Со денешното потпишување практично се обезбедува основа за продолжување на успешната соработката помеѓу Центарот за управување со кризи и JICA, која започна во 2011 година преку имплементацијата на проектот за Воспоставување на интегриран систем за превенција и рано предупредување за шумски пожари.

Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) е јапонска владина агенција надлежна за имплементација на Официјалната развојна помош преку програмите на техничка соработка, поволни заеми и грантови. Покрај проектите од областа на намалувањето на ризици од катастрофи, досега, во Македонија, (JICA) има имплементирано проекти во областите од развојот на инфраструктурата, на животната средина, зајакнување на управувачките капацитети и развојот на приватниот сектор.