Делегација предводена од премиерот Заев, во официјална посета на Босна и Херцеговина

Делегација на Република Македонија предводена од Претседателот на Владата Зоран Заев, од саботата престојува во дводневна, официјална посета на Република Босна и Херцеговина.

Во текот на неделата премиерот Зоран Заев и членовите на делегацијата, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бектеши Крешник, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за Култура, Едмонд Адеми, министер без ресор, задолжен за дијаспората, ќе остварат повеќе одделни и заеднички средби во Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, со високи претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, со Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со лидери на одделни политички партии.

Заев ќе има тет-а-тет средба со Денис Звиздиќ, претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Во рамките на посетата ќе биде поптишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на Македонија.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот за цивилни работи во владата на Босна и Херцеговина ќе потпишат Програма за културна соработка.

Македонската делегација ќе го посети спомен обележјето во Ротимље, во чија близина трагично го загуби животот Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и членовите на неговата придружба.

Македонската делегација во рамките на посетата на Република Босна и Херцеговина ќе престојува и во Мостар, каде што на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе му биде врачена наградата „Mostar Peace Connection“ и каде што ќе биде потпишан документот „Мостар повелба на мирот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.