Делев: Економијата е пред колапс како резултат на неспособната влада на Заев

Економијата е пред колапс, индустриското производство во јули 2017 година во однос на јули 2016 година падна за цели 2,2 отсто што е резултат на неспособната влада на Зоран Заев и погрешните политики што ги реализира, рече во средата Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Преупреди дека државата е втурната во хаос и неизвесност и оти станува збор за втор сериозен сигнал дека земјата се движи во погрешен правец. Првиот беше падот на просечната плата во јули во однос на јуни. Прв пад на просечната плата по долги години, истакна Христијан Делев.

„ВМРО-ДПМНЕ сериозно предупредуваше за црното сценарио во економијата доколку Зоран Заев продолжи со неодговорното работење. СДС молчеше и ги игнорираше предупредувањата. За него и за СДС беше доволно тоа што можат неконтролирано и расипнички да ги трошат парите од државните резерви и од аукциите на државни хартии од вредност. Тоа што е јасно и очигледно за сите, СДС не отпочна ниту еден нов проект кој би бил од корист за граѓаните. Владата на СДС расипнички се однесува со парите на граѓаните, и прекумерно се задолжува без притоа да каже на што ги троши парите кои ќе треба да ги враќаат идните генерации. Расипничката влада на СДС во период пред избори се задолжи 145 милиони евра, без притоа да каже каде и на што ќе бидат потрошени, истата стопи и енормни 177 милиони евра од државните девизни резерви, тоа се над 320 милиони евра, за кои никој не знае кај завршиле“, рече претставиникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата, додаде Делев, со земањето огромни суми пари во период непосредно пред локалните избори, остава сериозен сомнеж за криминал и изборен поткуп.

„Поради овие факти апелираме до сите претставници на меѓународните организации кои го мониторираат изборниот процес да внимаваат на можни нерагуларности и обиди за изборна корупција. СДС не смее со парите на граѓаните да купува гласови за да може да ги реализира своите антидржавни и антинационални политики на штета на државата. СДС, покажа дека не сака транспарентност и јавност во работењето на институциите. Министерството за финансии 5 дена не го објавуваше дневниот изештај за трошења од буџетот, што им е законска обврска во период по распишување на изборите. Министерствтото за финансии со ова директно го прекрши чл.8-а, ст.3 од Изборниот Законик, според кој, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страната во посебна база за буџетски трошоци во изборниот период, рече Делев.

„Денеска видовме и што всушност сакале да сокријат Заев и Тевдовски, во само еден ден, на 25.08.2017 година, владата потрошила 2.7 милиони евра на ставката стоки и услуги. Да почитувани граѓани во само еден ден владата на СДС потроши 2.7 милиони евра од вашите пари на патни расходи, набавка на инвентар и договорни услуги. Владата без милост ги троши вашите пари и ја става иднината на вашите деца на коцка. Заев лажеше во изборната кампања, ветувајќи, транспарентност, отчетност и штедливост. Сега гледаме како сакаат да го сокријат од граѓаните луксузот кој го практицираат. СДС во изборната програма ветуваше дека владата нема да купува нов мебел за министерските кабинети и немало да има луксузирање на државна сметка. Сега гледаме дека луксузот добива нова димензија кога СДС е на власт, тие само во рок од 24 дена потрошија 23.2 милиони евра од вашите пари на ставката стоки и услуги, тоа се 23 милиони евра потрошени на луксузирање, набавка на мебел, цвеќиња и разни договори со кои се задоволуваат апетитите на платените револуционери“, додаде.

Владата, рече Делев, сака да сокрие од граѓаните како за свои лични потреби троши милиони евра. Владата сака далеку од очите на јавноста да обезбеди милиони евра за изборна корупција. Граѓаните гледаат што прави СДС и за тоа ќе ги казнат на претстојните локални избори на 15-ти октомври.