Македонија

Дрога, девизи и цигари – што се заплени македонската Царина?

Дрога, девизи и цигари – што се заплени македонската Царина?

Масло од хашиш и семки од cannabis, и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, цигари, облека, обувки, постелнина, автоделови, делови од алат, електронски компоненти и фалсификати. Ова го откриле царинските службеници во текот на минатата недела.

Масло од хашиш и семки од cannabis

На скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на српски државјанин кој допатувал со лет од Барселона пронајдени се50 ml масло од хашиш и 10 семки од марихуана . Во несесер со средства за лична хигиена, сместен во патната торба на патникот, пронајдени се 2 стаклени шишенца со црна течна материја, која при проверка со тестер за дрога покажала присуство на морфиум и мал плик со 10 семки со кафена боја, за кои патникот изјавил дека се од растението cannabis. Течната материја и семките се предадени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника при МВР, од каде е добиен наод дека црната течност, со волумен од 50 ml претставува масло од хашиш, додека семките се од растението cannabis. Покрај тоа, во џеб од јакна сместена во патната торба се пронајдени и непријавени 15.700 евра, од кои 10.000 евра му се вратени на патникот, а 5.700 евра се привремено задржани и изготвен е записник за царински прекршок.

Против лицето е поднесена кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а од Основниот суд Скопје I му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Девизи

6.000 евра, откриени при личен претрес на грчки државјанин, кој како пешак се пријавил за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Патникот пријавил дека со себе носи 500 евра, но во внатрешниот џеб од јакната,  пронајдени се 16.000 евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што слободно може да се внесе во државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 2.940 американски долари и 850 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој како сопатник во македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. На прашање на царинските службеници, патникот пријавил дека носи 2.000 евра, но при извршениот личен претрес, покрај пријавените пари, во задниот џеб од фармерките се пронајдени 850 евра, а во горниот преден џеб од јакната уште 2.940 американски долари, за кои не поседувал документ за потекло. На патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена  соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 8.934 парчиња обувки и облека со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два бугарски камиони, натоварени со стока со потекло од Турција, наменета за увозници од Бугарија, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај откриени се 2.892 пара спортски обувки и 861 парчиња облека (фармерки, долни тренерки, блузи и елеци), а во вториот случај откриени се 5.176 пара спортски обувки и 50 пара фармерки со ознаки на заштитени трговски марки. Пазарната вредност на сомнителните производи, доколку би се продавале како оригинали, се проценува на околу 12 милиони денари во првиот случај и 9,7 милиони денари во вториот случај.

– 1.795 парчиња шампони и 5.560 парчиња пасти за заби со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Италија, наменета за увозник од Виница, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 4.

Пазарната вредност на сомнителната стока е проценета на околу 270 илјади денари, доколку би се продавала како оригинал.

13 рачни часовници и 2 мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 10 пратки, од испраќачи од Холандија, Сингапур и Хонг Конг, наменети за физички лица од Скопје, Куманово, Велес, Струга и Гостивар.

– 30 паметни рачни часовници, откриени на царинска испостава Скопје 1, при контрола на пратка увезена од Кина, а наменета за увозник од Скопје.

Во сите случаи производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи ќе бидат започнати постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Цигари

– 50 штеки цигари со македонски контролни маркички и 240 таблети Lexilium  од 3mg, откриени во два одвоени случаи при контрола на две патнички возила, пријавени за излез од државата на граничниот премин Дојран.

Во првиот случај, при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, во фабричка преграда, како и 2 специјално направени бункери под левото и десно предно крило на возилото, се пронајдени  42 штеки цигарии YORK Blue 100s и SUN Slim со македонски контролни маркички и 240 таблети  Lexilium  од 3mg.

Цигарите, лековите и возилото се привремено задржани, а против сторителот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Во вториот случај, при контрола на грчки автомобил, управуван од албански државјанин со привремен престој во Грција, под патосницата пред совозачкото седиште, позади потпирачот за рака на задното седиште и во преграда за прибор за прва помош, што се наоѓа над задното седиште, се пронајдени 8 штеки цигари Pall Mall Red и Rodeo Blue 100’S со македонски контролни маркички. Цигарите се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 35 штеки цигари марка Marlboro Core flavor и West со македонски контролни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патната торба на шведски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Малме.

Облека, постелнина и обувки

– 1.900 навлаки за перници, откриени при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4.

– 672 пара машки чорапи, откриени при контрола на македонски автобус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените чорапи,  сопственост на патник во автобусот, македонски државјанин, се пронајдени во 9 најлонски кеси, сместени во просторот за багаж над седиштата за патници. Производите се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 47 пара патики, откриени при контрола на турски автобус, што сообраќал на релација Истанбул – Пеќ, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените патики, сопственост на косовски државјанин, патник во автобусот, се пронајдени во фабричка празнина во подот на патничкиот дел од автобусот. Патиките се привремено задржани, против сопственикот е поведена соодветна постапка, а воедно поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, започната е постапка за утврдување на оригиналноста на производите.

Друго

– 72 ножеви за сечење пластика ALIMATIC и 6 сетови клип со зглоб  DEURZ за товарни возила, откриени при контрола на турски автобус, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во фабричка празнина под креветот во просторот за одмор на возачите, се привремено задржани, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

– 51 парче разни електронски компоненти, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патната торба на романски државјанин, кој допатувал со лет од Љубљана. Патникот изјавил дека деловите се наменети за компанија  која има производствен погон во Скопје.