ДУИ на СДСМ му брои до три (месеца) за законот за јазиците

Владата на социјалдемократот Зоран Заев во средата го објави таканаречениот „План 3-6-9“, кој треба да ги означува временските рокови во коишто треба да се изработат зададените реформи како наводен забрзан пробив кон евро-атлантските интеграции на земјата.

Планот кој беше презентиран на прес-конференција, сочинет на седум страници на кој таксативно се наброени реформските приоритети на премеирот Заев, всушност претставува прв дел во кој се содржат цели и конкретни чекори за спроведување на преземените обврски на краток рок, и кои треба да се спроведат во наредните три месеца, или до одржувањето на локалните избори.

И притоа во очи паѓа дека чекорите на кои ќе се фокусира владата на Заев е во насока на
расчистување на теренот во правосудниот систем, во медиумскиот простор, во јавната администрација.., каде што власта на СДСМ веќе прави и конректни чекор.

Меѓутоа, она што, исто така, го предизвикува вниманието е предлог-законот за јазици кој треба да биде подготвен и објавен во следниот период до локалните избори. Всушност, станува збор за оставање можност за повторување на изборниот инженеринг од предвремените парламентарни избори кога СДСМ успеа да му се приближи сериозно на ВМРО-ДПМНЕ со помош на десетиците илјади албански гласови добиени благодараејќи на ветувањата на Заев за правење на албанскиот јазик за втор службен и другите уставни реформи во полза на албанското малцинство во земјата.

Според она што може да се забележи од „Планот“, се планира предлог-законот за употреба на јазиците да биде објавен многу наскоро, а поради обидот повторно СДСМ да печали на албанските гласови но и да се осигура од многу веројатното осипување на македонските гласови токму поради оваа „реформа“, неговото носење би се случило по локалните избори.

Така, до крајот на летово, или порано, би можело да биде објавен предлогот на законот за јазиците, што насочува на тоа дека или тој веќе е подготвуван, како што и напомна кон средината на јуни Теута Арифи, или, пак, ќе имаме паушален нацрт кој повеќе ќе ги иритира заинтересираните страни отколку што ќе биде во насока да реши нешто.

Тетовската градоначалничка и висок партиски функционер на ДУИ, Теута Арифи, во своето гостување минатиот месец во емисија на телевизија Арт рече дека СДСМ и ДУИ го договориле новиот закон за јазици, според кој собраниски и владини седници ќе се водат на албански јазик.

„Да, тоа е дел од договорот кој го имаме за употреба на албанскиот јазик, што значи во законот за употреба на албанскиот јазик се предвидува водење на парламентот на албански јазик. Значи, кога законот ќе дојде во парламентот и кога ќе се изгласа од парламентот, нормално дека претседателот на Собранието ќе може да ги води седниците на албански јазик, исто и функционерите на владините седници ќе можат да го користат албанскиот јазик. Ова е дел од предлог-законот за употреба на албанскиот јазик за кој имаме договор“, рече тогаш градоначалничката на Тетово.

Но за овој закон ќе бидат потребни и најмалку три до четири месеци за Венецијанската комисија да даде мислење и да го изанализира, со што практично би се пролонгирало носењето на овој закон, а што оди во полза на Заев да го избегне неговиот неповолен ефект во предизборниот период.

А дека оваа јазична реформа ќе биде еден од врвните приоритети, можеше да се насети и претходно седмицава кога лидерот на коалицискиот партнер на СДСМ му порача дека напуштањето на ДУИ на комотната позиција во претходната речиси децениска коалиција мора да биде комензирано со започнување на исполнувае на барањата од ткн Тиранска платформа, вклучително и законот за јазиците.

На Али Ахмети и ДУИ ваков чекор им е неопходен поради подемот на движењето БЕСА кое им се наметна како многу сериозен конкурент, особено откако поради слабите резултати на градоначалниците од редовите на „интегративците“ и губењето на поддршката во некои средини од дисциплинираното гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ доведено е во прашање повторното освојување на градоначалнички места од кандидатите на Али Ахмети.

Покрај тоа, Заев се соочи и со отворената закана од Зијадин Села кој многу децидно порача дека многу брзо очекува закон за јазиците со максимално уставно право на употреба на албанскиот јазик, односно како втор службен на целата територија.

И сето тоа, секако, е условено со гласовите во парламентот за доверба на владата на Заев кога следниот месец ќе истечат стоте дена од нејзиното воспоставување.