Економија

Буџетот за 2014-та на седница пред Собранието на 16-ти декември

Буџетот за 2014-та на седница пред Собранието на 16-ти декември

Предлог-буџетот за 2014 година е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 16 декември. Според Деловникот за работа на Собранието, пратениците ќе имаат пет дена за расправа по Предлогот.

Претходно се очекува Владата до Собранието повторно да го достави дополнетиот предлог-текстот со вградените амандмани.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, по завршувањето на седницита на Комисијата за финансирање и буџет во неделата на полноќ и на Законодавно-правната комисија во понеделникот, го врати Предлог – Буџетот до Владата со извештајот за прифатените и поднесените амандмани.

Комисијата за финансирање и буџет прифати пет од поднесените 684 амандмани. Во рокот од десет дена за амандманската расправа Комисијата успеа да разгледа само 291 амандман.

Државната каса за следната година ќе изнесува 176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 243 милиони, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата од 3,3 проценти. Нивото на буџетскиот дефицит, според проекците, ќе изнесува 3,5 проценти.