ТОП,Економија

„Чагатај кабло“: Во јули ќе почнеме со градба, на почетокот од 2018-та започнуваме со работа

„Чагатај кабло“: Во јули ќе почнеме со градба, на почетокот од 2018-та започнуваме со работа

Турската компнија „Чагатај кабло“ којашто инвестира во Македонија, најавува дека нивните погони во земата ќе се простираат на 6.700 квадратни метри, покрај инвестицијата од шест милиони евра и во чијашто права фаза е планирано вработувањето на 200 луѓе.

Станува збор за инвестиција на компанија којашто во Турција има фабрика од 14.000 метри квадратни.

 

„Ние одлучивме во почетокот на декември да инвестираме тука и вчера потпишавме договор. На 26 илјади метри квадратни парцела, ние планираме во јули да почнеме со градба, ние планиравме 4.000 метри квадратни објект прво да инвестираме, после тоа одлучивме на 6.700 метри квадратни за старт, во првата фаза. Со проектот сме при крај и во јули почнуваме со градба, планираме до крајот на годината, до декември завршиме со градбата. После тоа нашите вработени што ќе бидат тука, ќе дојдат во Турција на обука, исто така и од Турција ќе дојдат тука за да даваат обука на вработените. Во почетокот на 2018 планираме да почнеме со работа“, соопштија во петокот од турската компанија.

 

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, рече дека она што се направи беше релативно брзо, каде што тие помогнале да се реализира инвестиција, бидејќи потребите на „Ван Хол“ беа да се започне производство на компанијата „Чагатај“ локално, на почетокот на идната година, наместо да се носат компоненти од Турција.

 

„Што значи дека ја зголемуваме додадената вредност која се креира во Македонија, правиме субституција на увозот, бидејќи на локално ниво се креира таа вредност. Дополнително освен ‘Ван Хол’, со компанијата ‘Чагатај’ ќе имаме можности и нивни други клиенти, да го лоцираат свеото производство овде во Македонија за европскиот пазар. ‘Ван Хол’ многу ни помогна не само за ‘Чагатај’ и друга компанија, германската компанија ‘Кил’ во Желино. Гледаме дека имаме компанија поради која нивни добавувачи директно доаѓаат во Македонија и ова значи дека се мултиплицира ефектот од странските инвеститори“, рече Мизо.

 

Додаде дека паралелно со нивната градба, изградба на дополнителната инфраструктура која е потребна, уште еден пристапен пат, кој до крајот на годината ќе биде пристапен за да може од некаде месец јануари да се започне со работа, овде во зоната.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ; Никола Груевски, претходно во четвртокот истакна дека компанијата е фокусирана на автомобилската индустрија и ќе произведуваат кабли и други електрични инсталации коишто се дел од автомобилската индустрија, индустријата за производство на автобуси, како и возила во градежниот сектор и механизација.

 

„Најголем добавувач ќе им биде белгиската компанија ‘Ван Хол’, којашто ја привлековме од Белгија да дојде во Македонија и да отвори фабрика, така да сега самата компанија е магнет за други компании како што е ‘Чагатај Кабло’, којашто почнува со градба за еден ипол месец од сега и ќе обезбеди најмалку 200 директни вработувања во првата фаза“, рече Груевски.