Економија

СИЕР: Законот за минимална плата нема да биде гаранција дека работникот ќе ја добие

СИЕР: Законот за минимална плата нема да биде гаранција дека работникот ќе ја добие

Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ –СИЕР сака да ја запознае јавноста дека и покрај евентуалното усвојување на измените на Законот за минимална плата во нашата држава всушност ниту имало, ниту ќе има утврдена гарантирана минимална заработувачка за работникот за полно работно време.

Од СИЕР велат дека, се’ додека во законот стои терминот „нормиран учинок“ како услов за остварување на минималната плата, тоа значи дека пред сé нема никаква гаранција дека работникот ќе ја добие минималната сума предвидена со законот, а исто така значи можност за манипулација од страна на работодавачите, што беше пракса и досега.

„Текстот на измените на законот усогласен во јавната расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18.07.2017 од страна на трите социјални партнери не содржеше „нормиран учинок„ во членот 2 од Законот. Затоа се прашуваме кој, зошто и во чие име ја додаде повторно оваа формулација? Такво нешто нема во регулативата за минимлна плата во нашето опкружување ниту во земјите-членки на ЕУ, ниту во другите (Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија и т.н) Бараме Владата на РМ, односно пратениците кои се предлагачи на законот амандмански да интервенираат и да се исфрлат зборовите ‘нормиран учинок’ од членот 2 од Законот за минимална плата, односно Собранието да го прифати усогласениот текст на законот на Економско–социјалниот совет“, истакнаа од СИЕР.

Од Синдикатот потенцираа дека само на тој начин Македонија конечно ќе добие Закон за минимална плата кој гарантира дека работникот кој работи со полно работно време истата ќе ја добие, без условувања, злоупотреби и присила да работи подолго од полното работно време без дополнителен надомест.