Гаврилов: За само еден месец СДСМ го покажа своето расипничко лице

За само еден месец граѓаните имаат можност да го видат расипничкиот живот на висока нога, кој милуваат да го живеат министрите од владата на СДСМ кои веднаш заборавија на сите нивни изјави дека државата наводно тоне во сиромаштија и тргнаа да си ги исполнуваат своите гастрономски желби, рече Коче Гаврилов челн на Извршниот комитет на Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Гаврилов во контекст на искажаното се осврна на тоа што Службата за општи и заеднички работи при владата објави оглас за набавка свежа риба, замрзната риба, октоподи и морски плодови кои ќе бидат на менито на функционерите од СДС во вредност од 400.000 денари.

„Како навиени пред изборите повторуваа дека граѓаните живеат со 40 денари дневно, а уште првиот месец трошат стотици илјади денари на морска храна, октоподи и риби. Згора на сé, наместо штедење како што најавуваа, тие ги вработија сите оние таканаречени граѓански активисти кои сееја магла дека државата тоне во сиромаштија“, рече Гаврилов.

Потсети и на огласот на Министерството за надворешни работи за набавка на цвеќиња во вредност од 305.700 денари.

„Лицемерието како појава кај СДС, од ден во ден станува професија. Реформската влада на СДС која најавуваше штедење и одговорно работење преку ноќ заборави што се ветуваше. Тоа е начинот на работа на СДС“, констатираше.

Гавролов го повија директорот на спомената служба при Владата, Пеце Мирчевски, заедно со премиерот Зоран Заев, да не се расфрлаат со парите на граѓаните и уште веднаш да ги поништат огласите.

„Граѓаните немаат обврска да ги плаќаат гастрономските желби на Зоран Заев и СДС. Парите на граѓаните не се лични пари на СДС и Заев. Треба да се трошат одговорно, а не за задоволување на свои лични елитистички желби и за разубавување на работната атмосфера на министрите. Ова на граѓаните не им носи подобар живот“, рече Гаврилов.