Груевски: Ако 40 дена е кус период, дали се сеќавате што сторивме ние за тоа време во 2006-та?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во ображањето на годинешната конференција на Унијата на младите сили во неделата вечерта во Охрид се осврна и на ветувањата кои СДСМ ги даде на граѓаните само за да добијат глас повеќе.

Рече дека 40 дена не се кратко време, туку доволно време за спроведување реформи, како што беше случајот во 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.

„А што ли не ветија пред изборите, само за да измамат некој глас повеќе од граѓаните. Дека ќе донесат живот, дека ќе ги вратат сите иселени од Македонија, дека ќе донесат нови работни места, дека наместо партиски луѓе ќе ставале експерти, дека ќе ја департизирале администрацијата, дека за сѐ ќе се консултирале со народот, дека лекарите ќе земале по најмлаку 1.600 евра плата, а просечната плата ќе била 500 евра, дека земјоделците ќе добиеле живот и многу пари, модерно образование, НАТО, ЕУ, реформи… и што ли не“, потсети Груевски.

Покрај тоа што ги спомена големиот број проекти коишто ВМРО-ДПМНЕ ги направи во првите 40 дена од владеењето во 2006 година кога се врати на власт, се осврна и на проектите по формирањето на новата влада во 2006 година.

„Во ред, некој ќе каже кратко е времето, 40 дена се на власт. Да кратко е, ама се сеќавате ли ние што направивме во првите 40 дена кога дојдовме на власт во 2006-та? Го намаливме ДДВ-то за земјоделците за земјоделска механизација, за земјоделски препарати со измена на закон, но и го намаливме ДДВ-то за јавен превоз, за лекови, за компјутерии повеќе други производи и услуги, првпат воведовме субвенции за земјоделците во Македонија со експресно направен ребаланс, воведовме рамен данок со измена на закон, ги намаливме даноците на најниски во Европа, а потоа и во светот, со нов мобилен оператор цените на телефонските услуги ги намливме за 70 отсто, донесовме закон со кој се создаде министерство за информатички технологии, ги осмисливме, дефиниравме и објавивме концептот за слободните економски зони во кои потоа дојдоа многу инвеститори, донесовме закон со кој создадовме трет државен универзитет во Штип, и редица други многу конкретни реформи, дела, проекти и чекори кои ги бевме ветиле и чие спроведување не го одлагавме. А, пак, по создавањето на владата во 2008-та во првите 100 дена имавме 183 спроведени мерки“, прецизираше Груевски.

Ја спомена и реформата на новата Влада која ја исчисти гаражата, што е според неговите зборови „силна“ реформа.

„Овие досега направија 80 средби со амбасадори. Средбите со амбасадорите не се лоша работа, но не може влада да се сведе само на тоа“, порача Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.