Интензивно се гради училиштето во прилепската населба Сточен пазар

Интензивно се работи на градба на основното училиште во населба Сточен пазар околу кое гравитираат населбите Сточен пазар и Жабино маало. Инвестицијата за училиштето изнесува околу 10 милиони денари, 7 ќе бидат потребни за градба, а околу 3 милиони денари за внатрешно опремување. Средствата се обезбедени буџетот на локалната самоуправа. Капацитетот на оваа образовна установа ќе изнесува од 150 до 200 деца, а според динамиката на работа се предвидува тоа да биде завршено до крајот на оваа година.

„Ова училиште се гради по барање на жителите на овие две населби, бидејќи сега децата кои живеат тука мораат да патуваат до основните училишта ‘Рампо Левката’ или до ‘Климент Охридски’. Училиштето сега е изградено до степен на карабина и тоа ќе биде едно од најубавите училишта во нашата Општина. Тука ќе учат деца од прво до петто одделение. Училиштето ќе биде енергетски ефикасно, ќе има систем за парно греење, термо фасада, соларни панели и ќе биде изградено според сите европски стандарди. Се надеваме дека училиштето ќе биде готово до крајот на оваа година или пак можеби до патронот на градот, празникот Свети Никола, кога и ќе биде пуштено во употреба“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Моментално се гради канализационен систем за училиштето кој ќе се поврзува со пречистителната станица, колекторите ќе поминуваат покрај самата река. Во иднина комплетно ќе се уреди реката со кејски и потпорни ѕидови, ќе се асфалтира улицата до училиштето, а предвидено е и хортикултурно уредување на дворот со урбана опрема, како и изградба на детско и спортско игралиште. Во иднина се планира и изградба на мост на реката веднаш до самото училиште.

„Изградбата на ова училиште беше дамнешна желба на жителите кои гравитираат во овој дел на градот, затоа што помалите деца сега патуваат и до 2 км. за да стигнат до основните училишта. Сега тие ќе го имаат ова ново училиште кое сметаме дека е полн погодок. Градоначалникот и Советот имаа слух за граѓаните и се обезбедија средства за да може истото и да се изгради“, рече Марјан Матракоски, советник за образование во Општина Прилеп.

Досега локалната самоуправа во периодот од 2005 до 2017 година има вложено околу 12 милиони евра за подобрување на условите за учење и работа во сите училишта на територијата на Општина Прилеп.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.