Иванов: Заедничката историја започнува од 1992-та, кога Бугарија ја призна независноста на Македонија

Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Вакви договори се израз на компромис што треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото. Ги повикувам двете Влади да придонесат кон исполнувањето на целта на договорот, вклучително и преку мешовитата комисијата, која треба да работи на градење доверба и пријателство, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на одбележувањето на државниот празник Илинден.

„Од самиот почеток на процесот, инсистирав договорот да биде симетричен. Што значи тоа? Добрососедството е двонасочна улица. Овој договор подразбира дека истите правила важат и за левата и за десната страна на улицата. Она што важи за Македонија, важи и за Бугарија. Придржувајќи се до принципите на рамноправност и реципроцитет, затвораме едно отворено прашање што ги оптоваруваше нашите односи. И, истовремено, отвораме врата за градење меѓусебна доверба и соработка“, рече претседателот Иванов.

Истакна дека од почетокот на првиот мандат се залага за унапредување на добрососедските односи со сите соседи, и тоа врз основа на принципите на заемно почитување, помош и поддршка. Затоа, рече Иванов, ја поддржал и иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.

„Ако започнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави“, порача македонскиот претседател.

Признавањето на независноста на Република Македонија од страна на Република Бугарија и Денот на Европа – 9 мај, се настаните кои, како што посочи македонскиот претседател, тој предложил заеднички да бидат прославени.

„Таа заедничка историја започнува на 15 јануари 1992 година, кога Република Бугарија, под водство на претседателот Жељу Желев, прва ја призна независноста на Република Македонија. Со тоа Желев го отвори патот за меѓународно признавање на Македонија и ги разби мрачните сценарија за нови поделби на Македонија. Затоа, предложив заеднички да го славиме 15 јануари – денот на признавањето на независноста. Бидејќи тоа е почетокот на нашата заедничка историја. Кога, пак, на 19 декември 2009 година стапи на сила визната либерализација за македонските граѓани, заедно со поранешниот бугарски претседател Прванов ги кренавме рампите на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево. Со тоа симболично го кренавме меѓникот што ја делеше Европа на два дела. Затоа, предложив заеднички да го славиме и 9 мај – Денот на Европа. Бидејќи, таму е насочена нашата заедничка иднина“, рече претседателот Иванов.

„Но, има луѓе од цивилизациско значење кои треба заеднички да ги слават не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски земји, како светите браќа Кирил и Методиј“, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Моја должност како Претседател, порача Иванов, е да ги штитам придобивките за кои се бореле и избориле нашите предци.

„А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина“, истакна македонскиот претседател.

Иванов подвлече и дека е подготвен да кохабитира за сите закони кои ќе го градат европското лице на Македонија.

„Кохабитацијата подразбира дека треба заедно да работиме на решенија за доброто на граѓаните кои не избрале. Решенија кои нема да бидат оспорени, и нема да предизвикаат штетни последици. Решенија не само до наредните избори, туку и за наредните генерации. Затоа, подготвен сум да кохабитирам за сите закони кои ќе го градат европското лице на Македонија“, порача претседателот на Република Македонија.

Иванов истакна дека како досега така и во иднина учествувам во креирањето на надворешната политика во соработка со Владата и побара професионалност, стручност и искуство од македонските дипломати.

„Кај мене ќе поминат само оние предлози за амбасадори кои ќе ги исполнуваат критериумите за професионалност, стручност и искуство. Од сегашните и од идните амбасадори очекувам засилен ангажман во насока на реализација на поставените стратегиски цели на Република Македонија. А тоа се евроатлантските интеграции, добрососедските односи, регионалната соработка и отвореноста кон сите добронамерни партнери“, истакна шефот на државата.

Иванов истакна дека очекува унапредување на координацијата меѓу надлежните институции задолжени за надворешни работи, со цел македонската дипломатија да зборува со единствен, јасен и добро аргументиран глас. – Мора да ги зајакнуваме постоечките и да создаваме нови пријателства и партнерства на билатерален и мултилатерален план, порача претседателот Иванов.

Системските реформи на системот за национална безбедност да бидат во согласност со уставните надлежности на Советот за безбедност, додаде Иванов.

Претставувањето, безбедноста и одбраната на државата не се луксуз, туку потреба. Буџетот за претставување на државата не е трошење туку инвестирање во нови пријателства и партнерства за Македонија. Буџетот за безбедноста и одбраната не е трошење туку инвестирање во услови за нормално функционирање на државата, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во своето Илинденско обраќање.

„Разузнавањето е првата линија на одбраната, а столбот на одбраната е Армијата на Република Македонија. Армијата не само што си ја исполнува уставната обврска да го штити територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, туку честопати ги извршува и задачите на други институции. Оперативната средина се менува. Се почесто ќе се справуваме со непогоди и неконвенционални закани. Затоа Армијата треба да биде подготвена, а за тоа и е потребен зголемен буџет“, истакна шефот на државата.

Претседателот изјави дека ги поддржува системските реформи на субјектите на системот за национална безбедност, и посочи тие да бидат во согласност со уставните надлежности на Советот за безбедност на Република Македонија.

Иванов порача дека врвен приоритет на секоја Влада треба да биде успешна економска политика, со цел да придонесе кон економски просперитет за македонските граѓани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.