Јовановски: СДСМ со укинувањето на признанието национален уметник ја девалвира македонската култура

СДСМ има пари да вработува и да ангажира дополнителни советници во Министерството за култура кои се докажани партиски војници, учесници во ткн Шарената револуција, членови или управници на невладини организации, членови во Соросоодните организации, а нема пари за вреднување на културните успеси, а укинувањето на титулата национален уметник е порака кон тие кои го добиле ова признание дека не го заслужуваат и затоа таа титула треба да престане да се доделува, изјави во саботата на прес-конференција претеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски.

„Водени се од слепа омраза кон политичкиот противник и затоа страдаат граѓаните, културните дејци и општо целокупната култура во Македонија. Тие во нивната програма предизборна, а и постизборна ветуваа ‘Живот во Македонија’ и културен развој во Македонија, а сега го покажуваат целото свое лицемерие. Покажуваат дека ниту некогаш се интересирале за културата, ниту, пак, ќе се интересираат во иднина“, рече Јовановски.

Одени дека „крајно деградирачкиот“ однос на СДСМ кон македонската култура продолжува.

„Откако ги укинаа на средства наменети за проекти од културата, сега се навредуваат културните дејци кои со својот лик и со своето дело, и со својот труд ја задолжиле нашата татковина, односно и тие кои во иднина ќе заслужат оваа иста титула. Како поинаку да се толкува одлуката на владата на СДС да го укине признанието Национален уметник“, рече Јовановски.

Алаѓозовски и СДСМ, продолжи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, со укинувањето на титулата Национален уметник го обезвреднуваат делото на уметничките величини како Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Есма Реџепова Теодосиевска, Ана Дурловски, Борис Трајанов, Никола Маџиров и уште многу други дејци коишто, како што истакна, „се доволно големи светот да им се поклонува, а медиокритетите на СДС воопшто да не ги почитуваат“.

Јовановски порача и дека во услови кога македонската култура, јазик и идентитет се нападнати и оспорувани, овој удар кој ѝ го задава СДСМ на домашната култура е најболниот, бидејќи доаѓа одвнатре од своите.

„Ова е своевиден негаторски однос кон дострелите и придонесот на овие великани во македонската култура и оневозможување некои идни нови генерации уметнички и културни дејци да се закитат со вакво признание“, посочи Јовановски.

Рече дека станува збор за крајно дестимулирачки чекор, како и дека материјалните средства за овие уметници никогаш не биле пресудни тие да можат да творат и создаваат како внатре во нашата татковина така и надвор, но дека за нив признанието Национален уметник е своевидна сатисфакција за нивната кариера која е веќе признаена многу одамна во Европа и ширум во светот и која диретно ја промовира македонската култура насекаде.

„Титулата Национален уметник не е воспоставена поради една, друга, трета или четврта …. Оваа титула е воведена да се вреднува придонесот во културата на сите наши сегашни, но и идни културни дејци кои со својата работа и со своето творештво ја промовирале и ќе ја промовираат Република Македонија и нејзината култура насекаде во светот“, укажа Јовановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.