Клиниката за нефрологија доби сертификат за акредитација

нефрологија

Ова денеска на прес-конференција во Клиниката го истакна директорката на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, Елизабета Зисовска, која му честиташе на тимот и раководството за максимално вложените напори Клиниката да успее да се стекне со статусот акредитирана здравствена установа.

Посочи дека тоа треба да биде поттик за и другите здравствени установи добијат сертификат за акредитација бидејќи Клиниката е сместена во зграда каде има многу други клиники и инфраструктурно, како што рече, е многу тешко да се исполнат стандардите.

Секоја акредитирана установа има обврска да изработи план за унапредување на квалитетот согласно забелешките добиени од надворешните оценувачи, рече Зисовска и додаде дека ќе имаат работен состанок со раководството на Клиниката со цел унапредување на квалитетот на здравствената заштита.

Директорот на Универзитетската Клиника за нефрологија, Александар Шиколе рече дека нивниот колектив е постојано посветен на што поквалитетно лекување на пациентите со бубрежни заболувања и поради тоа на посебен приоритет ја поставиле акредитацијата.

Посочи дека создале тим кој работел подолго време на изработка на процедури и стадарди со цел задоволување на критериумите и стандардите кои ги бара Агенцијата за акредитација. Според него, автоматски тоа значи дека нивниот квалитет на лекување се подобрува.

Акредитацијата подлежи на обновување, а тоа значи дека Клиниката има за задача во наредниот период постојано да инсистира на одржување на овие стандарди кои сме ги постигнале и подигнување на квалитетот на работа, рече Шиколе и додаде дека нивна приоритетна задача ќе биде и натаму во наредните години да го одржуваат стадардот кој го постигнале.

Одговарајќи на новинарско прашање Зисовска рече дека процесот на акредитација почна во август 2014 година и сите државни и приватни здравствени установи се влезени во него, но секоја од нив е на различен степен на подготовка.

Пуштаме експертски тим надворешни независни оценувачи кои го спроведуваат оценувањето, дават свои оценки. Врз основа на нивното оценување и коментарите софтверски се пресметува која е оценката, дали болницата заслужува сертификат за акредитација, а препораките се наративниот дел од тој завршен извештај кој треба да и помогне на здравствената установа да продолжи за унапредување на квалитетот, потенцира Зисовска.

Овој сертификат за акредитација, посочи, значи дека во моментот таа јавна здравствена установа работи по едно добро стандардизирано ниво на пружање здравствени услуги, а за пет години ќе бараме многу повеќе.

Одговарајќи на новинарско прашање Шиколе рече дека се дел од тимот за трансплантација, Клиниката за урологија ги изведува, а тие учествуваат во подготовките и во натамошното следење на веќе трансплатираните.

Минатиот петок беше направена последната трансплантација, која е успешна, значи сите параментри за бубрежната функција се нормализирани и очекуваме пациентот набрзо ќе биде пуштен дома. Во март се закажани уште три трансплантации. Од јануари досега беа извршени четири трансплантации. Тоа е континуиран процес, рече Шиколе.

Во врска со кадаверичната трансплантација рече дека е опција и кога ќе има соодветен кадавер кој треба да се регрутира од Хирушките клиники, можат во секое време да најдат соодветен примател кај кој успешно ќе биде извршена таа трансплантација.

Повеќе од 300 кандидати од сите центри за дијализа во Македонија кои се испитани, се ставени на листа на чекање за кадаверична трансплантација, додаде Шиколе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.