Костовски: Првата цел на СЈО беше амнестирање на криминалите на Заев и Верушевски

Специјалното јавно обвинителство е алатка за политички притисок врз ВМРО-ДПМНЕ управувана од СДСМ, и од своето основање до денеска сите случаи кои ги отвори беа со цел пресметка со оваа партија и неговото раководство и креирање негативна слика за партијата во очите на јавноста, а главната цел беше амнестирање од одговорноста на сегашниот премиер Зоран Заев и поранешниот социјалдемократски разузнувачки функционер Зоран Верушевски за сторените криминали, изјави во четвртокот Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„СЈО со повлекувањето на обвинението за случајот ‘Пуч’, во кој главни обвинети беа Заев и Верушевски на дело ја покажа својата пристрасност и непрофесионалност, потврдувајќи дека се работи за политички инквизиторен орган кој нема за цел докажување на вистината и откривање на криминалот, туку монтирање и конструирање политички хајки против ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Костовски.

Оцени дека СЈО се ставило себеси над законот и над Уставот на Македонија со повлекувањето на предметот „Пуч“ и откажувањето од кривичен прогон. Станува збор, како што појасни Костовски, предмет во кој имаше признание за вина од страна на Ѕвонко Костовски кој го призна кривичното дело и објасни како незаконски следеле комуникации со опремата на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и потоа како групата на Верушевски истите ги изнесувала.

„СЈО го бараше предметот „Пуч“ од Основното јавно обвинителство, единствено за да ги ослободи од гонење Заев и Верушевски, кои се инспиратори на сите случаи кои СЈО ги покрена, а се крајно неосновани, неаргументирани и без ниту еден доказ“, рече Костовски.

Потсети дека првата одлука на СЈО беше ослободување на Верушевски од притвор за сега да бараат „невини луѓе без никаква основа“ да им се изрекуваат притвори.

„Соња Верушевска тогаш му се заблагодари на Заев што СЈО го ослободило од притвор нејзиниот сопруг, што јасно укажува дека одлуките таму ги носи токму аболицираниот лидер на СДС“, рече Костовски.

Порача дека граѓаните го гледаат начинот на работа на СЈО и оти станува многу очигледно дека во ова обвинителство не се работи ниту според Уставот, ниту според законите, туку под политички диктат.

„СЈО, но и сите други субјекти во државата, треба да знаат дека Република Македонија е демократска држава, со јасно дефинирани принципи на владеење на правото и секој еден кој ги прекрши законите ќе одговара, пред органите на оваа држава во многу брз временски период“, порача Костовски.