Костовски: СДСМ за директор на Клиника назначи човек пријавен за земање мито

СДСМ за директор на Клиниката за уво, нос и грло назначи лице кое беше приведено и му беше поднесена кривична пријава за земање мито. СДСМ и министерот за здравство Арбен Таравари разрешија над 60 директори на здравствени установи кои се професионалци во своите области, за на нивно место да постават партиски послушници, непрофесионални кадри и лекари кои ја прекршиле Хипократовата заклетва, а некои од нив јавноста ги виде на дело како осомничени за земање стотици евра мито од само еден пациент, изјави на прес-конференција во саботата Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Новото кадровско решение на СДС за директор на Клиниката за уво, нос и грло, Јане Нетковски, јавноста го памети како лице кое беше приведено од полицијата и на кое му беше поднесена кривична пријава за земање мито од пациентка, со цел да изврши две хируршки интервенции. Како таков тој е пример за лице кое не треба да биде ниту лекар, а не пак директор на цела клиника. Произлегува дека единствена предиспозиција која Нетковски ја има за да биде директор на Клиниката за уво, нос и грло е тоа што добро го совладал занаетот на шефот на Таравари, Зоран Заев, а тоа е барање поткуп од граѓаните за работи кои се должни да ги извршат по автоматизам и согласно закон, и за кое Нетковски доби кривична пријава“, рече Костовски.

Истакна и дека целата јавност имаше можност да низ медиумите да ги види видео снимките од приведување на Нетковски во 2013 година за примање поткуп, а полицијата извести дека во неговиот дом беа пронајдени обележаните пари од страна на полицијата, побарани и земени од пациентката.

„Дали ова се професионалците кои СДС ги ветуваше? Дали се ова луѓето кои треба да го водат македонското здравство и да се грижат за здравјето на граѓаните? Ова е крах за македонското здравство. Замислете како ќе изгледа вашето доаѓање во клиника во која директорот на истата сте го виделе како е апсен за земање и сите го знаат тоа. Дали Таравари и СДС со поставувањето на вакви кадри им упатуваат порака на граѓаните дека ако сакаат да бидат прегледани или да им биде извршена некоја интервенција ќе мора за тоа да го подмитат лекарот? Директорите на клиниките не треба да се грижат за сопствениот џеб и не треба во пациентите да гледаат само како на средство преку кое ќе стигнат до материјална добивка. Граѓаните заслужуваат медицински третман кој согласно закон им следува, без притоа да треба да поткупат лекар за да добијат услуга која по закон следува и која лекарот е должен да ја даде, без притоа да бара мито“, потенцираше Костовски.

Рече и дека заради ваквата неодговорност и неспособност СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните.