Министерот Бектеши се сретна со холандскиот амбасадор Пломп

Туризмот, земјоделството и инвестициите во обновливи извори на енергија беа главна тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Воутер Пломп.

Двајцата соговорници, информираат од Кабинетот на Бектеши, ја оцениле соработката меѓу двете земји како многу интензивна и успешна.

Бектеши рече дека Македонија има успешна историја на соработка со Холандија, земајќи го предвид бројот на холандски туристи, кој според предвидувањата од стратегијата за туризам е веќе исполнет. Бектеши додаде дека земјоделството и инвестициите во обновливи извори на енергија се две гранки на економијата многу важни за нашата земја, па размената на искуства со Холандија би била од огромна помош, соопшти Министерството за економија.

Странските инвестиции, се додава во соопштението, беа уште една област на која беше ставен акцент на средбата, како и вклучувањето на локалните компании во реализација на овие инвестиции, кои според Бектеши би создале вин-вин ситуација.

Холандскиот амбасадор Пломп, пак, рече дека кога се зборува за соработката со Македонија, во центарот на вниманието за Холандија е токму економијата. Тој потврди дека Македонија останува посакувана туристичка дестинација за Холанѓаните и изрази интерес за развивање на долгорочен план за Охридскиот регион, со оглед на фактот што бројот на холандските туристи е зголемен, а тоа налага потреба и за зголемување на бројот сместувачките капацитети.

Двајцата соговорници изразиле подготвеност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, не само на полето на туризмот, туку во сите области за кои постои заемен интерес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.