МТСП: Градинката „Блета“ во моментов не згрижува деца

Министерството за труд и социјална политика во понеделникот објави дека извршило вонреден инспекциски надзор и увид во објект на ул. 173 бр.8 во Скопје, врз основа на сознанијата за постоење нелегална установа со назив „Блета“, која згрижувала деца од предучилишна возраст и вршела воспитание од верски карактер.

Во неделата медиумите повикувајќи се на постови на социјалните мрежи пишуваа дека во детската градинка „Блета“ (Пчела), која се наоѓа во Скопје, врз основа на фотографии и видеа кои се објавени на социјалната мрежа Facebook, може да се забележи дека таму децата активно се занимаваат со учење на исламот, иако тие се на многу мала возраст, а со тоа се прекршува членот 12 од Законот за заштита на децата каде што се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање.

Многу луѓе го изразија своето незадоволство за ваквото однесување на градинката кон децата, велејќи дека тие треба да се едуцираат и да ги добијат основните знаења од науката, а не на толку рана возраст да ги учат религиските обреди.

Согласно членот 12 од Законот за заштита на децата се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

Надзорот во понеделникот, пак, бил извршен врз основа на одредбите од Законот за заштита на децата, а по добиени информации за обавување на дејност „згрижување и воспитание на деца, во установа која не е заведена во Регистерот на установи за деца при Министерството за труд и социјална политика, односно спротивно на законот“, информираа од министерството.

При инспекцискиот надзор, во посочениот објект не биле затекнати деца, ниту, пак, вработени лица, а надворешниот изглед и уредувањето на дворот упатувале дека таму се одвивале активности од воспитувачко-згрижувачки карактер.

Министерството за труд и социјална политика испратило официјално известување до Министерството за внатрешни работи во врска со минатонеделниот увид во неколку објекти, кој беше извршен на 21 јули 2017 година, а во текот на денот ќе го достави и записникот од денешниот надзор.

МТСП и натаму ќе го следи овој случај и ќе постапи доколку се констатира промена на состојбата.