ОЈО бара од СЈО да достави записник за кој сè му се заканувал на Крпач

Од СЈО информираа дека Коста Крпач трпел закани и ако сето тоа е вистина тогаш ова Обвинителство требало да направи записник. Ние бараме тој записник да ни го достават за да можеме да го склопиме мозаикот за овој случај, односно дали има основа за сторено кривично дело „наведување на убиство“, велат од скопското Обвинителството.

Оттаму денеска потврдија дека за нив од сите материјални докази што ги имаат и од вештачењата, неспорно е дека станува збор за самоубиство.

За Скопското обвинителство се поставува прашањето што е тоа што Коста Крпач го довело во состојба да посегне по својот живот со револверот кој е негова сопственост и го поседувал дозвола.

Од Скопското обвинителство велат дека единствено што досега добиле од СЈО биле информациите дека Коста Крпач имал закани, но ним им требало доказ за тоа кој му се заканувал за да продолжат со истрагата.

Скопското обвинителство, како што рече обвинителката Гордана Гешовска, уште во мај доставило барање до СЈО за да им се предаде записникот, но до денеска не добиле никаков одговор. Таа денеска апелираше до СЈО да надвладее разумот и да им го предадат записникот.

Гешовска рече дека за овој случај испитани се 19 лица, од кои 10 службеници од МВР кои биле на местото на истрагата на денот на самоубиството. Испитани се сите лица за кои ОЈО ценело дека би можеле да придонесат за расветлување на околностите под кои се случил овој настан.

Според Обвинителството, од истрагата произлегло дека промена на расположението кај Коста Крпач се случила на 6 април годинава, кога бил извршен претрес во неговиот дом по налог на Специјалното јавно обвинителство, а на 7 април Крпач бил испитан како сведок во СЈО и побарал заштита бидејќи имал закани.

Од Скопското обвинителство велат дека телефонот на Коста Крпач не бил вештачен бидејќи стручните лица не успеале да го пробијат пасвордот бидејќи имал посебна заштита.

Од ОЈО Скопје посочуваат дека Коста Крпач пукал и надвор од станот, но засега е непознато кон кого и поради што и затоа апелираат до СЈО да им го достави записникот за да можате да го комплетираат случајот.