Општина Центар и надлежните служби во акција за расчистување на дивите пазарџии на “Зелен пазар” и „Буњаковец”

Општина Центар, во координација и со асистенција на Секторот за внатешни работи – Скопје, Сообраќајната полиција, Секторот за инспекторат на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и Јавното претпријате ПОЦ, започнува акција за расчистување и дислокација на дивите пазарџии и нелегално поставените тезги околу „Зелен пазар” и пазарот „Буњаковец”.

Жителите на околните објекти, купувачите и продавачите се жалеле на секојдневната грда слика, загрозената безбедност на движење и опасноста по здравјето на луѓето. Диви препродавачи вршат продажба на земјоделски и индустриски производи, стари предмети и стара облека на тротоарите и тревниците околу пазарите, наведуваат од општина Центар. Тврдат, исто така, дека дел од овие прехранбени производи биле со сомнително потекло, со изминат рок, без декларации и се продаваат на картонски кутии, во нехигиенски услови, а препродавачите тука престојуваа деноноќно
.
По затворањето на пазарите, останува голем отпад и смет на тротоарите, улиците и тревниците. Дел од дивите препродавачи остануваат да спијат во влезовите од околните згради или на тревниците, а граѓаните постојано се жалат дека не се чувствуваат безбедни кога излегуваат од своите домови
.
Општина Центар, согласно постигнатиот договор, преку соопштенија и флаери ги извести препродавачите да ги дислоцираат нелегалните тезги. Беше укажано дека по ова истекувањето на законски дадениот рок, ќе следуваат и казнени мерки.

Во заедничката акција, доколку сѐ уште има лица кои ќе ја вршат оваа незаконска дејност, за дивите препродавачи ќе бидат изречени парични казни или одредена општо корисна работа, а робата ќе се одзема со казнени мерки.