Османи го претстави „Планот 3-6-9“

Правецот на реформите кои ги предлагаме како Влада, произлегуваат од Програмата за работа на Владата 2017-2020, а ги земаат предвид, политичкиот договор од Пржино, препораките од средбите на високо ниво со претставниците на институциите на ЕУ, вклучително и учеството на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на специјалната седница на Владата; насоките од Европската комисија во итните реформски приоритети од 2015 година, и сите други официјални документи, вклучително и препораките до Владата од изминатите неколку години од телата на Советот на Европа, како што се Венецијанската комисија и ГРЕКО и препораките на ОБСЕ/ОДИХР; не ги заборавивме ниту препораките и сугестиите од граѓанските организации, како и резултатите од консултациите со граѓанското општество, рече во средата на прес-конференција во Владата, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

„Долготрајната политичка криза и неприфаќањето на препораките од сите меѓународни институции кои ги наведов, нѐ доведоа до ситуација да бидеме оквалификувани како „заробена држава“ и да добиеме оценка за назадување во реформите и отстапување од евро-атлантскиот пат. Оваа Влада, со нашите досегашни активности и со овој план, покажува и ќе докаже дека сакаме Македонија да ја вратиме таму каде што припаѓа, во евро-атлантското друштво, со реформи кои ќе нѐ приближат до западноевропските стандарди за демократија и човекови слободи“, рече Османи.

Прецизираше дека станува збор за прв дел од планот кој го презентираше заедно со премиерот Зоран Заев наречен „План 3-6-9“, во кој се содржат цели, принципи, како и конкретни чекори за спроведување на преземените обврски на краток рок, и кои треба да се спроведат во наредните три месеци, или до одржувањето на локалните избори.

Според Османи, другите мерки кои подетално ќе се разработат од страна на надлежните институции, ќе влезат во втората и третата група мерки кои треба да се реализираат до ноември/декември или пред одржувањето на Советот на ЕУ во декември, како и оние кои ќе треба да се реализираат до март наредната година, или до објавувањето на следниот редовен Извештај на Европската комисија за Македонија.

Османи потоа го презентираше областите како и дел од содржината на Планот 3-6-9:

Во делот на изборите:

Забелешките и препораките, кои се содржат во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и оние дадени до експертите на Венецијанската комисија, за одржаните избори. – Владата ги прифаќа.

На краток рок мерките ќе се фокусираат на поддршка на Државната изборна комисија за нејзина внатрешната консолидација и зајакнување на нивните капацитети, а во контекст на подготовките на локалните избори, вклучително и на ажурирање на Избирачкиот список, едукација на изборната администрација и на гласачите.

Во таа смила, некои од предвидените активности се: постепено доекипирање на Државната изборна комисија; препорака до комисијата за транспарентност при водењето на седниците; воспоставување на механизам за одговорност на директорот на јавниот дифузен сервис доколку во следниот извештај од ОБСЕ/ОДИХР се констатира небалансирано известување за изборниот процес итн.

Во делот на правосудството

Забелешките и препораките на Европската комисија и на Советот на Европа, поконкретно на Венецијанската комисија и ГРЕКО, како и сите други релевантни документи со кои се предвидува на краток, среден и долг рок да се изгради независен, непристрасен, професионален и ефикасен судски систем – Владата ги прифаќа.

На краток рок, Владата ќе направи ревизија на Нацрт Стратегијата за реформа на правосудниот систем и ќе започне да гради атмосфера на слободно судство, без политички притисоци, со цел да обезбедиме простор и за неопходните законски измени на среден и долг рок.

Во тој дел, некои од активностите се: укинување на Законот за утврдување факти и дисциплинска одговорност на судии и, во таа насока, измени и дополнувања на Законот за судски совет; формирање нова работна група за ревидирање на Нацрт-Стратегија за реформа на правосудниот сектор согласно препораките на ЕК, Венецијанска комисија и ГРЕКО; зајакнување на кадровските капацитети на Народниот правобранител; целосна поддршка на работата на СЈО итн.

Во делот на Рамковниот договор

Во насока на унапредување на имплементацијата на легислативните елементи од Рамковниот договор, Владата ќе изготви Предлог-закон за употреба на јазиците кој потоа ќе го достави на консултации до Венецијанската комисија и до Собранието.

Во делот на медиумите

Препораките содржани во Извештаите на ЕК, експертите на Совет на Европа и слично за отворање на информациите кои се од јавен интерес на слободен увид на јавноста; за изградба на партнерски однос со медиумските асоцијации и граѓанскиот сектор; за регулирање на комерцијалното рекламирање на Владата, како и за професионализација на јавниот радиодифузен сервис – Владата ги прифаќа.

Дел од активностите предвидуваат: Одлука за стопирање со владини реклами на комерцијалните радиодифузери, објавување на сите трошоци за рекламирање на Владата и објаснување на критериумите за избор на медиумите за периодот 2008-2017 во форматот доставен од Европска комисија; Одржување јавна консултација со медиуми, медиумски здруженија и граѓански организации; Одржување неделен брифинг на Владата со медиумите итн.

Во делот на работата на Собранието

Ги зедовме предвид препораките кои се нотирани во Извештаите на ЕК и резолуциите на Европскиот парламент за враќање на демократскиот амбиент во највисокиот законодавен дом, враќање на политичкиот дијалог, како и соработката меѓу сите партии вклучително и опозицијата. Тесно ќе соработуваме со Претседателот на Собранието и со Собранието во целина, за да ја постигнеме оваа цел, во интерес на сите граѓани на Македонија.

Дополнително, Владата ќе даде свој придонес за целосна имплементација на препораките нотирани во извештајот на Анкетната комисија за утврдување на состојбите по немилите настани на 24 декември 2012 година, особено актуелни по настаните од 27 април 2017 година.

Владата ги поттикнува коалиционите партнери и мнозинството во Собранието, во отворена и искрена соработка со опозицијата, да се погрижат надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и нејзините безбедносни и разузнавачки служби, да биде редовна и рутинска работа, со највисок можен степен на транспарентност и инклузивност на претставници од граѓанското општество.

Владата е подготвена покрај редовните пратенички прашања да се одржуваат и тематски пратенички прашања, еднаш неделно во траење од еден час, и да обезбеди присуство на експертско ниво за елаборирање на предлог законите пред работните тела на Собранието. Владата се залага за враќање на суштинската надзорна улога на Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка за следење на комуникациите итн.

 

Османи во продолжениот посочи дека во рамките на „Планот 3-6-9“ предвидени се и принципи, мерки и активности кои се однесуваат и на други области, како што се: реформа на безбедносните служби, борбата против организираниот криминал и корупција, реформата на јавната администрација, инклузивност на граѓанскиот сектор, миграции итн. За сиве овие области, рече, идентификувани се сегашните недостатоци и забелешки, и дефинирани се конкретни чекори за надминување на овие предизвици.

Покрај приоритетите наведени во овој план, според Османи, нема да бидат заборавени и другите преземени обврски и паралелно ќе се работи на нивна имплементација во интерес на сите граѓани на Република Македонија.

„Спроведувањето на овие реформи не преставува само обврска која ја имаме преземено пред нашите меѓународни партнери, туку и неопходен предуслов за да изградиме функционална демократија, стабилно општество и компетитивна економија. Долгото чекање пред вратите на Унијата не влече назад, и, како што видовме изминативе две – три години, не однесе во длабока политичка и институционална криза. Овој прозорец на можности што сега ни се отвора, овој нов моментум на севкупен оптимизам, како во земјава, така и во земјите-членки на Европската Унија, мораме да го искористиме и мораме да испорачаме“, додаде вицепремиерот Османи.

Упати притоа „искрен апел“ и до другите чинители во овој процес за нивни конкретен придонес, во прв ред како што кажа, останатите државни институции како што се: Јавниот обвинител, Судскиот совет, Советот на Јавни обвинители, Државната изборна комисија, Државна комисија за спречување на корупција, како и до сите други институции кои се независни во своето работење. Ги повикувам и тие да се издигнат на нивото на задачата и да преземат одговорност за исполнување и спроведување на предвидените реформи, бидејќи и нивната работа е предмет на постојано следење и оценување од страна на јавноста.

На крајот Османи се обрати и до опозицијата од која побара заедно со власта да покажат „политичка зрелост“ за придонес во споменатиот важен процес.

„Ова не е процес само на една Влада или само на една политичка гарнитура. Ова е долготраен процес во кој секоја власт има вградено своја автентична вредност. Ги повикувам претставниците и на опозицијата но и на власта, да покажат политичка зрелост која изминатиов период покажавме дека ни недостасува. Граѓаните се уморни од нас и со право бараат брзи резултати. Тие очекуваат од нас да се однесуваме сериозно и во таа смисла веќе немаме право на грешка. Сега е вистинското време да ги тргнеме нашите лични, партиски или етнички интереси на страна. Пред нас е исправен над-национален, ако сакате, човечки предизвик да ги затвориме отворените прашања и да направиме сериозен исчекор во нашите европски и евро-атлантски интеграции“, заклучи Османи.