Попоски: Планот „3-6-9“ е препис на мерки од минатата Влада, кои се предложени, реализирани или во фаза на реализација

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски во гостувањето на телевизија Алфа за евроатлантските интеграции кажа дека имало многу еуфорични најави дека тоа ќе се случи, но чекор по чекор ретерирање од тие најави и враќања на ставовите дека мора да се решат проблемите.

„Најмудро од новата Влада би било да не ги потиснува ветувањата кои ги даде во предизборниот период, како што се оние за просечната плата од 30.000 денари, со еуфорични ветувања за интеграција на државата во НАТО и ЕУ. Доколку навистина може да ги испорачаат просечната плата и интеграцијата во НАТО и ЕУ, ние треба да дадеме поддршка на тоа“, изјави Попоски.

Попоски говореше и за планот „3-6-9“, кој Владата го промовираше за влез во НАТО и ЕУ. Тој кажа дека тоа е препис на мерки кои ги имала минатата Влада.

„Таму нема никакви новини, добар дел од мерките кои се предлагаат се или реализирани или во фаза на реализација. Оние кои не се реализирани се дел од акциските планови на претходната влада и се мерки, односно чекори кои би морале да ги преземеме. Стравувам дека и планот „3-6-9“ е замаглување на фактот дека се најавува многу брз напредок, со презентирање на документи кои во минатото веќе се усвоени, се реализираат или се веќе завршени. Таму има мерки кои се целосно завршени и не зависат од тоа како би се однесувала Владата“, изјави Попоски.

Кажа дека не би било чесно да се каже дека се прави исчекор во европските интеграции, со тоа што сме препишале нешто од минатото и сме го смениле само насловот. Попоски се осврна и на СЈО во гостувањето на Алфа, тој кажа дека не смее да има сомнежи дека Владата го користи ова Обвинителство како цел да се сузбие најголемата опозициска партија, која воедно има и најмногу пратеници во Собранието, тој кажа дека тоа е ризик кој не смее да го има.