Средба Заев – Жбогар: Брисел ја поддржува реформската Влада и гледа можности за напредок на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се сретна со амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар, информираше во петокот владината служба за односи со јавноста.

На состанокот била реафиримирана поддршката на Брисел, како што се наведува, за реформската Влада во Македонија, којашто изразила подготвеност за суштински промени во државата со цел подигнување на квалитетот на животот на граѓаните, демократизација на општеството и отворање на евро-атлантските перспективи на државата.

Ставот што го пренел евроамбасадорот Жбогар е дека Брисел и земјите членки на Унијата сега гледаат можност за напредок на Македонија и се подготвени на принципиелно и експертско ниво да и помогнат на Македонија во реформскиот процес.
Во таа насока се разговарало за престојните реформи во делот на правосудниот систем, во делот на медиумите и воспоставувањето професионални државни институции.

„Владата е цврсто определена кон создавање услови за независно судство, објективни медиуми, ефикасни државни инстититуции, чијашто цел се единствено потребите на граѓаните. Реформите на коишто се обврзавме во Планот 3-6-9 и ќе продолжиме да ги реализираме, инклузивно, со можност за вклученост на сите, поединци, групи, граѓанскиот сектор, опозицијата. Од големо значење е и поддршката и помошта што ја добиваме од нашите пријатели од Европа, кон којашто се стремиме како држава“, рекол премиерот Заев.