Штир: На Советот на ЕУ беше спомената процедурата за избор на нов претседател на македонското Собрание

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Штир потврди дека тој и неговите коелги-шефови на дипломатиите на сите ЕУ-земји, заедно со Високата претставничка на Унијата, Федерика Могерини, разговарале и за процедурата за избор на нов претседател на македонското Собрание.

– Што се однесува до дискусијата за Македонија, мислам дека расправата одеше во насока дека треба да се сочува стабилноста и дека е важно да се видат како институционалните патишта ќе доведат до тоа. Тука беше спомената процедурата за избор на нов претседател на Собранието, како еден начин на кој институционално ќе се пристапи кон оваа проблематика. Се разбира дека Европската унија не сака да долева масло на огнот, туку на еден конструктивен начин да ја поттикне стабилноста во Македонија и на целиот простор на Југоисточна Европа. потенцираше Штир во изјава за МИА.

Во однос на целокупната расправа за Западниот Балкан, според министерот за надворешни работи на Хрватска, заеднички заклучок бил дека Европската унија мора посилно да се ангажира на тоа подрачје и дека политиката на проширување, кога ќе се исполнат сите услови, останува инструмент со кој се поттикнува стабилност на југоистокот на Европа. Тој потенцираше дека најголем дел од расправата бил посветен на Босна и Херцеговина, но и во однос на останатите држави од Балканот, според него, заеднички заклучок бил дека состојбата е таква што бара многу поголем ангажман на Европската унија.

– Се разбира, земјите-членки се тука за со своја експертиза да помогнат и да дадат потпора за спроведување на сите клучни реформи. Имаше и многу разговори за тоа како државите надвор од ЕУ во последните години ја засилиле присутноста и важно е просторот на Југоисточна Европа да не биде простор на судири, туку простор на соработка. Токму политиката иа ангажманот на Европската унија е фокусиран на тоа – заклучи Штир.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.