Што одговори Заев на прашањата за односите со Бугарија, новиот Јавен обвинител, задолжувањето

Премиерот Зоран Заев во средата по прес-конференцијата во Владата на којашто го претстави таканаречениот „План 3-6-9“ одговараше на новинарски прашања во врска со хомосексуалните бракови, односите со Бугарија, задолжувањето на земјата…

Премиерот Заев беше запрашан за неговиот став хомосексуалните бракови, откако пратеникот од коалицискиот партнер ДУИ во вторникот ја отвори оваа тема во парламентот, и беше запрашан кога очекува ова прашање да се најде на дневен ред во Собранието.

„Сакаме да ја слушнеме дебата по сите по сите проблеми и можни решенија на самите проблеми. Нашиот став како влада, но и како политички партии, е почитување на различностите и градење на еднакво општество за сите и остануваме на тие ставови и дополнително мотивирани за изнаоѓање на решенија. Владата не е најстручна по ова прашање, ги повикуваме стручните луѓе, експертите да ни презентираат меѓународни искуства, да отворат дебата во јавност, да ја слушнеме нашата јавност и согласно тоа да одиме со процедурите за изнаоѓање на решенија за ова прашање“, одоговори Заев.

Заев беше замолен на помалку од еден месец од потпишувањето на договорот со Бугарија, што предизвика реакции во јавноста и од опозицијата, да откриете што содржи тој.

„Ние најавивме дека следи средба на министерско ниво и нивните кабинети каде што треба да најдат решение за едно мало, техничко прашање што мора да го решиме за да имаме официјално заокружен дел. Претстои период каде што министрите и кабинетите ќе го направат тој состанок и се надевам дека тогаш ќе биде решено прашањето. Некаде пред потпишувањето имаме намера да го објавиме договорот, да го отвориме на дебата, да го видат сите и дадат свои коментари. За мене тоа што ќе биде потпишано, надевајќи се дека тоа отворено прашање ќе биде решено, навистина отвара сериозни врати кон убави евроатлантски перспективи на Македонија, но и кон зголемување на билатералната соработка меѓу двете земји. Тоа е потврда за нашата посебност и во делот на идентитетот, народите и она што значи историја, но и потврда на заедничката историја којашто не само меѓу Македонија и Бугарија, туку и целиот Балкан и Европа ја споделува“.

Во истиот контекст премиерот беше запрашан дали неговиот министер за надворешни работи Никола Димитров ќе побара извинување од неговата бугарска колешка дека Македонија е дел од Бугарија, дека не постои македонскиот јазик и зошто немаше реакција?

„Тоа што е наша посебна историја е само наша посебна историја. Тоа што е заедничка историја е и европска историја, но и балканска историја. Не прејудицираме да менуваме нешто од историјата, но ние може да ја промениме иднината и тоа зависи од нас. Ако бидеме мудри ќе отвариме блескава иднина за нашите граѓани на РМ, а со тоа ќе влијаеме и на подобра иднина на граѓаните на Република Бугарија. Јас на целиот овој процес гледам повеќе како шанса да ги наоѓаме начините како тоа ќе се зближиме и соработуваме. Затоа апелирам на позитивниот аспект на гледање на работите, но и транспарентниот и одговорниот аспект кадешто и граѓаните и институциите се тие кои на крајот ги носат самите одлуки“, рече Заев

„Договорот се осврнува на тоа прашање дека ќе седнат експерти и историчари од двете земји и доколку постои некое проблематично прашање,тоа е прашање на историчарите“, одговори премиерот Заев на прашањето дали и што ќе се променува во учебниците за историја.
Заев додаде дека со бугарскиот премиер Борисов ги даче изјавите во нивните настапи во Бугарија пред медиумите.

„Се работи за нешто за кое ние немаме предрасуди да не го зборуваме, да не го декларираме, а тоа е делот на народите, делот на заедничката историја, формулациите во делот на определбата на заокружувањето на еден процес. Така да, од драматургиите околу предавство, околу лоши позиции на Македонија апсолутно нема потреба. Ниту Бугарија има предрасуди, ниту ние имаме предрасуди во вој дел. Да бидеме храбри, време е за лидерство да ги отвараме процесите и да изнаоѓаме решенија кои ни ја кочеле Македонија и перспективите на граѓаните. Апсолутно неплашејќи се од дебати, критика и различни ставови по ова прашање. Јас сум убеден дека овој договор треба да биде ратификувн во парламентот, и тоа парламентот како институција која ќе се изјасни за конечноста на евентуалното потпишување на договорот“, рече.

Премирот беше запрашан и за тоа кога би се знаело името на новиот јавен обвинител и во врска со поднесениот закон опозицијата да го предлага обвинителот?

„Па, ќе го дефинирам како мало лицемерие. Ние ветивме по втората година на предлог на опозицијата да има јавен обвинител. Сега на Македонија, исправена пред реформите, ѝ треба најврвниот експерт што може да си го најдеме дома за да биде државен обвинител. Тоа е првиот чекор кон враќање на правната држава, покрај СЈО и блескавата надеж на враќањето на правната држава. Сега дојде нова Влада предводена од тогашната опозиција треба да покаже на дело дека навистина е за враќање на правната држава. Јас очекувам експертско решение. Секако, првиот чекор е разрешувањето од страна на парламентот на Марко Зврлевски, објавување веројатно, не ги знам постапките, на конкурс, мислење од Советот на обвинители, одлука на Влада како предлог и донесување на конечна одлука на Собранието. Мислам дека се такви постапките. Со целата транспарентност и дебата во нашето општество и слично“, одговори Заев.
Премиерот беше прашан и колку министерството за финансии ја задолжи државата овој месец додека е на власт СДСМ, имајќи предвид дека во опозиција беше најголем критичар на задолжување преку државни записи.

„Прво ние го реализираме Буџетот донесен од претходната влада во кое има проектирано задолжување и ние го реализираме тоа. Никогаш не ветивме дека ќе престанеме со задолжување, заради тоа што би било мисловна именка. Невозможно е да се одржи Буџетот вака проектиран, вака истрошен и целосно руиниран после целото ова непродуктивно трошење, без краткорочните и долгорочните задолжувања. Точно тоа што се случува со купување на пари од домашниот пазар е реализација на приходниот дел на Буџетот за да може да биде следен расходниот дел на буџетот.Ниту повеќе, ниту помалку“, рече Заев.

Околу тоа што анкетните листови на неговите министри покажаа богатство околу 40 милиони евра, коли, станови, имот, наспроти тврдењата дека во изминатиов период „владеел режим“, Заев одговори.

„Режимот ја ограничи слободата од секој аспект. Тоа не значи дека луѓето немале право на живот, борбата продолжила, еден дел имат во наследство, еден дел се дојдени во Владата како експерти, дел се предложени од коморите, дел од граѓанските организации. Јас сум директно политичар којшто јавно го декларирам својот имот и не се срамам од тоа. Тоа е имот стекнат од моите родители, така е и од мене, од моето претходно работење, но и така е и со другите партиципиенти во Владата. Апсолутно, режимот го застанал севкупниот развој на граѓаните, така и на тогашните опозиционери, независни луѓе во општеството, но вкупно режимот беше преклопување на сите слободи и права во државата. Рековме украдена држава, узурпирана држава“.
Вчера имавте одлука за поголеми субвенции на една голема група на граѓанибеше едно од прашањата.

„Владата сериозно вчера дебатираше за начинот како да изнајдат средства во постојниот Буџет за да интервенира согласно определбата за интервенционизам на Владата за потреби на граѓаните. И реално земјоделството е таква дејност која негува и чуствува потреба од интервенционизми кога има дисторзија на пазарот. Конкретно тоа е бостанот.Пред неколку дена беше бресквата. Вчера Владата донесе одлука за дополнителни субвенции од два денари на сѐ што е предадено на регистрираните откупни пунктови од 3 до 15 јули. Тоа е дневно околу 500 тони бостан. Некаде околу преку 5-6 илјади тони директно ќе ги надомести трошоците за продукцијата на земјоделците од цела држава во делот на земјоделскиот производ бостанот. Мерката веднаш се имплементира, а буџетските средства се обезбедени од програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој и верувам дека тоа ќе значи директна поддршка на самите граѓани. Ако имаме повеќе пари пуштени кон граѓаните, нема зијан од таа работа. Парите ги употребуваат граѓаните за своите давачки“.
Граѓаните не се согласуваат со отварање на рудници во југоисточниот регион, првиот во Иловица, вториот во Казандол, и тие се уплашени дека тоа може да го уништи животниот простор таму и да го промени начинот на живот. Како Владата ќе реагира на сево ова, ако се знае дека граѓаните во целост ги одбија овие проекти. Како ќе се справите со овие барања на јавноста?, беше уште едно од прашањата

„Оваа Влада е декларирана како Влада на граѓаните и нема поважно од животот и здравјето на граѓаните и апсолутно ги разбираме грижите коишто преку референдум ги прават кон исчекор да ја анимираат јавноста, но пред сѐ институциите. Владата на РМ нема ништо против рудниците, но постапките мора да бидат запазени. Еколошките студии, геотекстилот во заштитата, контролната улога на граѓаните внатре, сите аспекти согласно законот ќе ги разгледаме, но потенцирам нема поважно од животот и здравјето на граѓаните. Апсолутно државата е подготвена да се откаже од свои приходи во буџетот или било што друго наспроти императивот животот и здравјето. Веќе работат стручните служби да реагираат согласно референдумите. Она што е согласно закон и Устав, ќе биде постапено, во интерес пред сѐ граѓаните, но и во интерес на инвеститорите кои добиле дозвола за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини. Јас сум убеден дека можат се најдат решенија пред сѐ и над сѐ во интерес на граѓаните, а потоа и во интерес на инвеститорите.

Како ја коментирате иницјативата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на радиодифузната такса?

„Веројатно долго време е ВМРО-ДПМНЕ власт, па е малку изгубен во делот на опозицијата, малку повеќе е тоа од лицемерие што се прави. Единаесет години апели имаше за укинување на радиодифузната такса, и еве сега преминаа во опозиција и предлагаат закон преку кој се укинува радиодифузната такса. Ние ветивме пред граѓаните укинување на радиодифузната такса и јас се надевам дека во оваа постапка на ребалансот на Буџетот ќе изнајдеме средства ако не повеќе во последниот квартал да ја нема радиодифузната такса. Наша цел е почетокот на септември, или еве, последниот квартал почнува од почетокот на октомври, да ја укинеме радиодифузната такса. Насочени се сите капацитети на владата да изнајде решение една четвртина од потребите за финансирање на МРТВ, но и на СРД, МРД, како директна област, Македонска пошта којашто имала приходи од дистрибуција, Управа за приходи одредени расходи, комплетен пакет, за да можеме согласно законско решение коешто го ветивме да ја укинеме радиодифузната такса. Јас се надевам дека иако оваа Влада почна од средината на годината, сепак одредени мерки ќе ги имплементира до крајот на годината и една од тие мерки е секако укинувањето на радиодифузната такса. Нека го почекаат законот од страна на опозицијата, ќе имаат можност да го поддржат во Собранието, а наша обврска ќе биде да најдеме пари, сѐ со цел да гарантираме финансиска независност на МРТВ, но и професионална управавувачка независност на националниот Радио сервис МРТ“.

Заев беше прашан да каже нешто повеќе во врска со настанот во Црна Гора на 2 август, на кој според најавата треба да се сретнете и со американскиот потпретседател Пенс?

„Верувам дека за време на празникот и во очи на празникот да ги изменаџираме двата настани. Македонија има огромна чест да биде прв домаќин заедно со Црна Гора на потпретседателот на САД, којашто за нас значи силна поддршка на севкупниот регион, и тој состанок почнува во Црна гора некаде после пладне. Јас сум убеден дека можеме дел од активностите при официјалната државна посета на Бугарија на Македонија да ги завршиме во очи на празникот и заради празникот, тоа е први август, секако да го одбележиме празникот рано наутро колку е тоа возможно, да се поклониме пред еден споменик од заедничката историја, и веднаш да стигнеме во Подгорица и да го менаџираме процесот. Но тоа е само засега наша замисла, се надевам дека и бугарската страна ќе го прифати, за да можеме да ги движиме двете агенди паралелно“, одговори Заев.

Од септември администрацијата ќе работи две смени. Дали тие што се вработени и седат дома ќе земаат плата или ќе се вработат нови?

„Сите што засновале работен однос и што го исполнуваат законскиот услов за работниот однос, ќе бидат веднаш започнати постапки за нивно распределување и нивно ангажирање. Тие мора да бидат продуктивни во рамките на 8часовното работно време било каде, и во јавниот и приватниот сектор. Суштината на одлуката којашто беше вчера донесена и беше презентирана во јавноста, е флексибилноста во работното време, со можноста за втора смена во јавната администрација, но и опцијата на вработените во јавната администрација покрај 8.30, да почне во 7.30. Тоа ќе им даде можност на родителите за грижа на своите деца пред градинките, училиштата и ќе определуват можности. Ќе треба посериозна организација на раководителите во самите институции, но ќе даде убав позитивен аспект на семејството. На важноста на грижата кон децата, на важноста на човечноста во општеството. Ја отвараме оваа дебата, сакаме да ги слушнеме граѓаните, но пред сѐ вработените во јавната администрација, но знам дека тие не мораат да напуштат работно место за да добијат одобрение за градба. Можат кога се во делот на втората смена, тоа да го завршат во првата смена. Тоа е апсолутно во делот на слободата, демократијата и можностите што општеството треба да ги понуди“, одговори премеирот на ова прашање.