Тиранската платформа има за цел да го промени Уставот, СДСМ потврди дека се согласува со неа

Меѓу другото, со Тиранската платформа се предвидува постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“.

Според ова, Тиранската платформа има за цел да го промени Уставот, а доколку албанскиот јазик со неговото писмо стане официјален јазик, тоа би значело и дека ќе се воведе двојазичност на целата територија на Македонија. Но, освен тоа, Артан Груби, кој е шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека се предвидуваат и казни од 3.000 до 5.000 евра за неупотреба на албанскиот јазик.

Тој посочи и дека албанскиот јазик ќе се вметне и на банкнотите и монетите.

-Како член 8 од овој Закон, и банкнотите и монетите ќе бидат на албански.

Потврда за измените во Законот за јазици, но во и Уставот дојде и од првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Тој вели дека доколку биде претседател на Собранието, парламентарната седница ќе ја водел на албански јазик.

-Во парламентот на Република Македонија, ако јас сум претседател ќе зборувам на албански. Треба парламентарната седница да ја водам на албански јазик. И во говорна и во пишана форма, албанскиот треба да се користи во сите државни институции. Тоа значи официјална употреба на албанскиот јазик. Во овој момент албанскиот јазик се користи само на локално ниво, истакна Ахмети.

Освен јазикот, предмет на платформата се знамето, химната и државниот грб. Во Тиранската платформа како една од точките е и „сеопфатна дебата за знамето, химната и за државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.“

-Прашањето на химната, значи вие имате ситуација каде што втората по големина етничка заедница не ја прифаќа таа химна, бидејќи ги исклучува нив. Ги исклучува во секој аспект од таа химна и ние велиме за да бидеме полојални, за да бидеме инклузивни, за да можеме сите да станеме на иста химна, таа химна треба да не претставува и нас. Меѓутоа, за тоа треба двотретинско мнозинство, вели Груби.

Македонската јавност не заборава ниту на скандалозните изјави на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијандин Села, кој велеше дека со пописот од пред 100 години не постои Македонски народ. Според него, Албанците сакаат да ги сменат знамето и химната.

-Потребите на Албанците не се еден Премиер кој ќе дава заклетва пред знаме и химна кои ни сакаме да ги смениме, рече Села.

Инаку, СДСМ заедно со Тиранската платформа која ја прифати сака да усвои Резолуција во Собранието со која би се осудил наводен геноцид врз албанскиот народ во Македонија од 1912 до 1956 година.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто за ХРТ на почетокот од март потврдува дека дел од договорот за коалицирање со ДУИ, е носење на резолуција за осуда на геноцид кој наводно бил направен врз Албанците минатиот век.

Историски потврдени факти се дека балистичкото движење кое за време на Втората светска војна било на страната на фашистите биле во судир со партизаните, кои ја создадоа асномска Македонија, и чиј судир продолжи по нејзното создавање. Втората власт која била во отворен судир со балистичкото движење чија цел било создавање Голема Албанија е српската власт, која била воспоставена меѓу двете светски војни. Практично, Заев признава дека прифатил да се осудат Србите и партизаните како геноциден народ.

Ова преставува голема навреда за партизанското движење и удар на асномска Македонија. Партизаните ако се прогласат за геноцидни, тогаш се негира и создавањето на асномската македонска држава.

Тиранската платформа има за цел и да ги маргинализира другите етнички групи во Македонија. Со неа се предвидува „правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде што Албанците се сметаат за државотворна нација, поддржување секаква правна и уставна иницијатива што ja засилува националната рамноправност за албанското население“.

Ова би значело дека малцинствата како Србите, Турците, Власите, Бошњаците, Ромите и другите ќе бидат маргинализирани, затоа што Македонија од мултиетничко општество би станала бинационална држава.

Уште кон крајот на минатата година албанските медиуми пишуваа дека премиерот на Албанија Еди Рама подготвил документ за сите албански партии со Македонија кои добиле мандати на изборите.

Албанската телевизија „Визион Плус“ уште на 28-ми декември објави информација, која подоцна беше пренесена од повеќе медиуми, дека платформата е составена од албанската влада.

-Официјална Тирана има подготвено нацрт документ за албанските политички партии во Македонија. „Визион Плус“ дознава дека премиерот Еди Рама ќе им го пренесе овој документ на лидерите на политичките субјекти. На тој документ се бара унификација на интересите на Албанците, објави тогаш телевизијата.

Дека СДСМ ја прифатила платформата потврдија и политичарите од партијата, но и од ДУИ.

Мухамед Зекири од СДСМ рече дека СДСМ кажала оти нема никаков проблем со платформата.

-Ние сме кажале дека СДСМ нема никако проблем со декларацијата, сега стана позната како платформа. Со декларацијата, со барањата, во завршна фаза сме со преговорите, нема што да криеме од граѓаните, истакна Зекири.

Потврда за договорот меѓу СДСМ и ДУИ дојде и од Бујар Османи.

-За тие точки се дискутирало и се усогласени, посочи Османи.

Иако СДСМ се уште негира дека не постои Тиранска платформа, туку само т.н. владина програма албанските политичари велат дека таква програма е неприфатлива, туку дека се прифаќа само платформата.

Тахир Хани од ДУИ вели дека нема зошто партијата од која тој доаѓа и другите албански политички субјекти да се соединат околу програмата на СДСМ.