Трајковски: За време на ВМРО-ДПМНЕ се реконструираа над 400 училишта и се изградија над 72 нови

Еден од важните сегменти за одвивање на образовно воспитниот процес е секако инфраструктурата и во изминатиот период на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, едно од главните карактеристики е одличната соработка помеѓу владата, Министерството за образование и наука и локалната самоуправа, вели Тони Трајковски на денешната Панел дискусија: „Единствени кои инвестираат во образованието“.

-Локалната самоуправа како една од алките во образовниот процес е многу значајна бидејќи ние како општини и како градоначалници се соочуваме со секојдневните проблеми во основните и средните училишта, а секако еден од поважните сегменти е инфраструктурата. За жал можеме да констатираме дека во изминатите 50 години немаше изградено ново училиште, а во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ се направија големи дела, дела кои што се очигледни и се придонесе за воспитно образовниот процес. Се реконструираа над 400-тини основни и средни училишта во сите општини во Македонија, а беа изградени над 72 нови училишта, истакна Трајковски.

Тој потенцираше дека со успешна комуникација помеѓу владата, МОН и локалната самоуправа се реализираа овие проекти, а како паралела тој вели дека досега со новата влада и со МОН немаат никаква комуникација, а проблемите ги решаваат сами со сопствени средства.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.