Учество на министерот Димитров на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички на ПСЈИЕ

Во рамки на финалните активности на претседавањето со Процесот за соработка во ЈИЕ на Хрватска, делегација од Република Македонија предводена од министерот за надворешни работо Никола Димитров, вчера во Дубровник учествуваше на Состанок на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички на ПСЈИЕ.

Димитров во своето обраќање ги изнесе погледите на Република Македонија во однос на актуелните случувања во регионот и нивното влијание врз целокупната соработка, како и начините за унапредување на истата особено во форматот на ПСЈИЕ. Притоа, зборуваше за начините и модалитетите за надминување на сегашните предизвици и максимизирање на заедничките можности користејќи ги досегашните искуства во рамки на Процесот, но и на другите иницијативи и организации, со акцент во секторот за поврзување, комуникација, транспорт и енергија.

На крајот на состанокот, министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Процесот усвоија Заедничка изјава.

На маргините на состанокот, Димитров оствари средба со Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини. На средбата Димитров ги пренесе заложбите на новата реформска Влада за стабилна и просперитетна Република Македонија, ги потенцираше и можностите и задачите на нашиот пат кон европска демократија во која владее правото.

Министерот оставари и повеќе билатерални средби, меѓу кои со потпретседателот на владата и шеф на дипломатијата на Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со колегата од Косово, Енвер Хоџај, заменикот на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Алексеј Мешков.