Увозот ќе ја крене цената на струјата

Тврдењето на новиот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски за наводно незавидната ситуација во којашто се наоѓала компанијата откако на оваа позиција го именуваше Владата предводена од СДСМ, отвора простор за сомневања, дека заедно со се’ уште незаживеаната популистичка мерка за враќање на т.н. евтина тарифа, се подготвува всушност повисока цена за корисниците, предизвикана од увоз на струја, а крајна цел е богатење на компании во сопственост или блиски на владејачката структура.

Според сите показатели, актуелното раководство ја презема ЕЛЕМ во солидна позиција и во финансиска и во техничка смисла. Меѓутоа, аферите коишто изминативе два месеца ја ставаа оваа енергетска компанија во фокусот на јавноста, од именувањето на нејзините челници и советници како српскиот мешетар Александар Обрадовиќ кој ќе давал „експертизи“ до жестоките реакции на јавноста за во моментов одложениот тендер во полза на „Фероинвест“, компанијата во сопственост на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на власт ѝ ја наметнаа потребата да ја извртува вистината. Истовремено и да ја подготвува јавноста за новите чекори кои ќе бидат преземени, но исклучиво во полза на остварувањето на скандалозните тендери.

ЕЛЕМ, имено, како што тврди неговото претходно раководство, новата власт го презема со никакви долгови кон коминтентите и вработените, а на сметката на компанијата, вклучително и депозитите во домашните комерцијални банки, наследила повеќе од 25 милиони евра.

Актиелниот прв човек на компанијата Миновски, пак, тврди дека со овие средства ќе се сервисирале оперативните трошоци за ремонти, ископи на јаглен и јаловина, како и за сервисирање на обврските кон банките. Но познато е дека секогаш ваквите раходи се сервисирале од тековното работење, а депозитите биле наменети за финансирање на нови развојни проекти. Оттаму, се создава сомнеж дека новото раководство бара алиби да ги пренамени депозитите во тековната ликвидност, што од своја страна подразбира свесно уништување на компанијата.

Миновски, исто така, тврдеше дека минатото раководство на ЕЛЕМ ненаменски ги празнело хидроцентралите, и покрај тоа што годинава е регистриран историски најмал доток, а производството во хидроцентралите е малку над 50 отсто од планираното. Но најсимптоматично е што новата власт преку Миновски тврди дека во изминатиов период имало рекордно намалено производство на електрична ергија. Сепак, познавачите на проблематиката споредувајќи ги податоците за реализираното со планираното производство, уверуваат дека се забележува оти имено е произведено за 6,5 отсто електрична енергија повеќе од тоа. А тоа сигурно насочува дека власта бара изговор за увоз на електрична енергија со однапред познат увозник.

Покрај тоа, десетина дена од стапувањето на функцијата, новоназначениот директор Миновски заедно со новиот комерцијален директор Марјанчо Николов, поранешен пратеник на СДСМ од Велес, донеле одлука по јавна набавка бр.01-125/2016 со предмет на набавка на Транспортни ленти за ПЕ Рудник. Од вкупно предвидените 258.300.000 денари за оваа набавка повеќе од половината односно 140.086.090 денари без ДДВ му се доделени на конзорциумот составен од „Фероинвест“ од Македонија и Озербанд од Турција кои добиле 3 од 5-те предвидени лота за оваа набавка.

На 29-ти август, според документи кои до јавноста ги достави анонимен извор, Владата донела одлука за пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште, и тоа повеќе од три седмици откако беа распишани локалните изборите и откако владата не смее да носи вакви одлуки. Но, зад фирмата која учествува во целата работа стои повторно Кочо Анѓушев.

Во овој случај станува збор за пренамена на земјиште со која неговата вредност неколкукратно се зголемува затоа што на него треба да се гради ХЕЦ Тополка со придружни објекти.

Фирмите кои стојат зад сево ова се „Energy delivery solutions“ и „Hidro holding“ односно „Мали Хидроелектрани Тополки“ ДОО сега регистрирана на булеварот „Свети Климент Охридски“ број 30, во управната зграда на „Фероинвест“ на Кочо Анѓушев, а управител на МХЕ е братот на Кочо Анѓушев, Тодор Анѓушев. Компании кои се занимаваат со трговија со електрична енергија.

Од друга, страна, пак, експертите предупрдуваат и дека со либерализација на пазарот на електрична енергија која ја најавува Владата, сметките на граѓаните за електрична енергија нема да се намалат. туку напротив ќе се зголемат, и тоа за најмалку 20 отсто.

Владата најави дека од 1-ви септември ќе ја врати ткн евтина струја, што реално е малку изводливо со оглед на техничките подготовки потребни за остварување на овој потфат. Имајќи предвид дека предвиденото евтино користење на струјата во текот на денот е главно во периодот кога најголем дел од граѓаните се на работа или на заслужена почивка, и зашто нормално е оној што ќе потроши помалку електрична енергија ќе плати помала сметка, јасно е дека овој популистички потег, единствено служи за да ги манипулира граѓаните за да може да добие некој глас повеќе на претстојните локални избори. Бидејќи и Европската енергетска заедница, а земајта се стреми кон скоро членство во ЕУ, ѝ препорача на Македонија евтината тарифа за струјата да ја воведе само за социјалните категории и за временски период од две години.

Сето тоа укажува дека целта на власта всушност е контролирање на пазарот на електрична енергија во полза на компаниите коишто ѝ се блиски, директно или посредно. А цената за остварување на профитите, секако ќе ја плаќаат граѓаните.