Владата го укина појадокот во студентските домови

Планот за живот на СДСМ и најавите за подобар студентски стандард во периодот пред декемвриските избори ги зголемуваат маките на македонските студенти.

По низата укинувања и стопирања на мерки наменети за нив, меѓу кои згаснувањето на дисперзираните студии, стопирањето на проектот 30/35 кој обезбедуваше финансиски поволности при студирањето за повозрасните граѓани со интерес за студирање, гласањето против законот за студентски ваучери за купување компјутери, најновата одлука на раководните структури од партијата на Зоран Заев која ја шокираше јавноста предвиде укинување на појадокот за студентите кои годинава добиле легло во трите најголеми студентски домови во главниот град, домови “Гоце Делчев“, “Стив Наумов“ и “Кузман Јосифовски – Питу“.

Па така, отсега наместо вообичаените три оброци кои им следуваа, идните академски граѓани кои одлучиле да ги користат услугите на студентските домови, за истата цена која ја плаќале и досега, ќе добиваат само два оброци. Тоа значи дека трошокот за студирање станува поголем. Оброкот кој досега го покриваше државата, ќе мораат да го платат од сопствениот џеб, пишува „Курир“.

Дали директорот на Државниот студентски центар под чија надлежност се овие три домови, индивидуално оценил дека студентите немаат потреба од појадок, или пак, одлуката е изнудена поради кратењето на цели 1,5 милијарди денари од буџетот за образование, останува нејасно, бидејќи раководството на домот не одговори на нашите повици.

Во меѓувреме, студентите секојдневно го изразуваат своето незадоволство, особено на на социјалните мрежи. Неодамна се побунија и поради појавата на инсекти во храната која им се служи.

Студентите, чија бројка е околу 3.000 имаат намера да организираат масовни протести, доколку управата не ја промени одлуката да добиваат по три дневни оброци и доколку не преземе ништо за подобрување на квалитетот на истите.

Нивниот револт е уште поголем и поради фактот што модерните перални и сушални кои ги набави претходната влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ, се’ уште не се функција поради тоа што лицата кои се обучени да раководат со истите, наместо да работат според описот на работните обврски од нивните работни места, добиле други задачи.