ВМРО-ДПМНЕ: Антинародната и марионетска влада на СДСМ треба да се повлече од шетниот договор со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ се залага за пријателски и добрососедски односи со Република Бугарија која е пријателска земја, и за пријателство помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, но овој договор кој премиерот Зоран Заев го потпиша во вторникот не ги почитува интересите на македонскиот народ и на Република Македонија, и тоа е видливо и јасно, народот не го поддржува овој договор, а стручната јавност има сериозни забелешки за неговиот текст, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата забележуваат дека додека во Бугарија се слави потпишувањето, во Македонија има незадоволство и чувство на пораз, што беше видливо и на прославите на националниот празник Илинден на Мечкин Камен и во Пелинце каде што имаше катастрофална речиси непостоечка посетеност на народот на овие настани

„ВМРО-ДПМНЕ како единствен виновник за овој штетен договор го посочува Зоран Заев и неговата неспособна Влада. СДС доколку се потрудеше, и доколку имаше капацитет, желба и волја за работа можеше да постигне подобар договор, кој ќе беше вистински израз на пријателство и соработка и со кој немаше да има чувство на победник и поразен“, се истакнува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, забележуваат дека доколку во владајачката СДСМ ги прифателе нивните „суштински и конструктивни“ забелешки и предлози за подобрување на текстот на договорот, сега ќе можеше да се зборува за „квалитетен и позитивен договор“.

Меѓутоа, „СДС опиен од омраза и гнев и свесен дека мора да ја плати политичката фактура за Заев да проба да се извлече од својот криминал, покажа дека нема капацитет да води држава и дека е спремен на распродажба на македонскиот интерес“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се наведува и дека владејачката партија уште има шанси да се повлече од овој договор, и тоа барем ќе биде најмал израз на почит кон македонскиот народ од нивна страна, и оти бараат СДСМ да се повлече од договорот.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да имаме договор со Бугарија, но договор кој ќе биде еквивалентен во правата и обврските, и во кој ќе се почитуваат националните и државни интереси на Република Македонија, и за овој договор ВМРО-ДПМНЕ имаше и има принципиелни, долгогодишни и аргументирани ставови од кои не отстапуваме“, се додава во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на овој штетен договор за Република Македонија кој го потпиша „марионетската влада на Заев“, а порачуваат и дека СДСМ многу набрзо веќе на следните локални избори ќе ја понесе политичката одговорност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.