ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го одобрува ставот на Шиндре за релативизирање на педофилијата

ВМРО-ДПМНЕ смета дека со тоа што молчи, СДСМ го одобрува ставот на Никола Шиндре од „шарената револуција“ за намалување на законските санкции за педофилијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, јавноста е згрозена од основната цел и теза на натписот на Шиндре: „Во одбрана на најмаргинализираните сексуални заедници – децата кои сакаат да имаат секс и децата кои сакаат да имаат секс со возрасни“.

„СДС молчи, не ги осудува и не се дистанцира од ставовите на Шиндре искажани преку колумна која наиде на поддршка кај голем број учесници на „шарената револуција“ и поддржувачи на СДС, а повикува на омекнување на законските санкции за педофилијата и се нејзино релативизирање како наводен нагон. Одобрувањето и молчењето за ваква тема значи прифаќање на ставовите на Шиндре“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

Неосудувањето на ставовите за поддршка на педофилијата, додава, значи нивно прифаќање. Отука, не е ни чудно што Шиндре бил говорник на настан што го отворил министерот за култура Роберт Алаѓозоски на кој главна тема биле ЛГБТ лицата.

„Одговорноста на СДС како партија која ја води Владата на Република Македонија е уште поголема, бидејќи неосудувањето ќе значи официјално одобрување“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека општество што сака добра иднина и здрави генерации мора да ги осуди ваквите и слични ставови.

„Затоа СДС и сите останати политички чинители не смеат да го премолчат овој настан. Тој треба да биде осуден од сите, со цел во иднина никој да не се осмели да релативизира кривично дело со кое што се уништува животот на неговите жртви. Силно се спротивставуваме на обидите да се релативизира педофилијата и да се омекне законската санкција и секогаш ќе застанеме против се што ја загрозува безбедноста и животот на граѓаните на Република Македонија“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.