Османи на средба со Даниелсон: Очекуваме поддршка за реформите но и конкретни чекори од еу за евроинтегративните процеси

Во Брисел во четвртокот вицепремиерот на македонската Влада задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и соседска политика, Кристијан Даниелсон, на којашто присуствуваа и министерот за правда Билен Саљији и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

На почетокот на средбата вицепремиерот Османи ги сподели своите првични впечатоци до одржаниот Комитет за стабилизација и асоцијација и препораките и обврските кои произлегоа од истиот.

„Свесни сме дека имаме голем товар од кој треба да се ослободиме и дека очекувањата на граѓаните сѐ повеќе и повеќе се зголемуваат. Oвој момент на оптимизам не може вечно да трае и ние мора да почнеме да испорачуваме. Тоа е за нас уште поголема обврска, сериозно и трезвено да пристапиме кон надминување на предизвиците на нашиот пат кон ЕУ“, рече Османи.

Османи нагласи дека агендата на новата Влада има две траектории, едната води кон реализирање на итните реформски приоритети, за што веќе се усогласува конкретниот акционен план, а другата, кон решавање на отворените политички прашања, како дома, така и со соседите. Внатрешно, посочи вицепремиерот, потребно е заокружување на легислативниот дел на Охридскиот рамковен договор, како и фактичка примена на инклузивноста во политичкото одлучување.

„Затворањето на овие прашања ние не ги третираме само како обврска преземена пред нашите меѓународни партнери, туку и како значајни предуслови за изградба на функционална демократија, стабилно општество и просперитетна економија. Ваквите комплексни прашања бараат храбри одлуки, за чија реализација потребна е и поддршка од нашите партнери во Европската унија “, истакна Османи

Посочувајќи ги неодамнешната посета на Бугарија од висока владина делегација, како и посетата на Грција од страна на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, Вицепремиерот Османи ја нагласи посветеноста на Владата, преку еден нов позитивен пристап да ги откочи процесите на приближување со соседите, како прв чекор кон затворањето на отворените прашања.

„Сѐ поизвесно станува потпишувањето на меѓусебниот договор со Бугарија пред крајот на летото, со што Македонија ќе може посуштински да се посвети на унапредување и на односите со Грција. Свесни сме дека се работи за емоционален проблем, но со оглед на успешноста на првите чекори, набргу очекуваме значајни подобрувања на односите меѓу двете Влади и севкупно меѓу двете земји“, истакна Османи.

Владините претставници побараа поддршка од Даниелсон, согласно успешноста при имплементацијата на преземените обврски, која би водела кон преземање на конкретни чекори од страна на Европската унија, кои во овој момент ќе претставуваат исклучително значаен импулс и поттик за задржување и засилување на реформскиот и европскиот курс на државата.