Заев по секоја цена сака да се спроведе програмата за мигранти

Заев по секоја цена сака да се спроведе нивната програма за доселување на мигранти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе крајно недемократска и скандалозна одлука со која се спречува одржување на референдуми и со тоа ја попречува демократијата во државата.Државниот инспекторат за локална самоуправа е институција под контрола на Зоран Заев која очигледно по диктат мора да го блокира и оневозможува одржувањето на локалните референдуми за градењето на мигрантски населби и кампови кои ги планира владата согласно акцискиот план и стратегијата која ја донесоа. Референдумот претставува најчист облик на демократија во кој граѓаните непосредно се изјаснуваат по прашања кои им се во директен интерес, истакнаа од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека референдумот е граѓанско и пред се уставно загарантирано право кое гледаме дека Заев со петни жили се обидува да им го оспори.

-Тоа е недозволиво. Тоа говори за нискиот демократски капацитет на СДС. Тоа говори за стравот кој владее кај Заев и кај СДС од соочување со народот по вака важни прашања. Одржувањето на референдуми во неколку општини во ист ден со локалните избори е единственото логично и рационално решение, бидејќи на тој начин се намалуваат трошоците за одржување и нема ништо спорно во таа одлука на општинските совети. Граѓаните сега на дело го гледаат недемократскиот принцип на работа на Заев и СДС. Гледаме дека се повторува 2004 година која истата политичка партија и истите ликови повторно одат со нивната максима некои прашања не заслужуваат одговор, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека уставниот суд мора веднаш да го отфрли ова решение на државниот инспекторат, водејќи се согласно Уставот на Република Македонија. Никој не смее да им забранува на граѓаните да се произнесат за ова крупно општествено прашање во ист трошок со локалните избори. Стравот на СДС не смее да биде пречка.