Заев сe сретна со амбасадорот Бјорнстад: Норвешка најави поддршка за евро-атлантските интеграции

Македонија напредува кон НАТО и кон Европската унија, а Норвешка најави поддршка на земјава во областите значајни за евро-атлантските интеграции, информираше во вторникот владината служба за односи со јавноста по средбата на македонскиот премиер Зоран Заев со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арни Бјорнстад.

На средбата било констатиран напредок на Македонија кон НАТО и кон европските перспективи. Исто така, договорена била поддршка од Кралството Норвешка на Република Македонија во текот на оваа 2017 година, во повеќе области значајни за евро-атлантските интеграции на земјава.

„Станува збор за помош од Норвешка во подобрување на административните и законски капацитети на Република Македонија, во судството, за исполнување на условите од поглавјето 24 од Извештајот на ЕК за Македонија, важно за преговарачкиот процес и со приоритет на обвинителската дејност, во областа на животната средина, за исполнување на условите од поглавјето 27, за чиста вода и превенција на храна, во унапредувањето на контролните механизми за заштита од корупција и од злоупотреби на јавните фондови“, се наведува во соопштението.

Се најавува дека во претстојниот периодо ќе следува поврзување на институциите во Македонија со амбасадата на Норвешка со цел утврдување на начините за аплицирање за фондовите преку коишто треба да се реализира поддршката.

Заев притоа му се заблагодарил на Бјорнстад за целокупната принципиелна помош и поддршка од Норвешка на демократските процеси во Македонија.

„Стратешки цели на Република Македонија се членството во Европската унија и во НАТО. Новата Влада ја постави државата на евро-атлантскиот пат и презема одгооворност за реализација на потребните реформи преку Планот 3-6-9. Владата е силно посветена да го подигне животниот стандард и да обезбеди квалитетен живот за граѓаните. Граѓаните на Македонија заслужуваат да живеат спокојно, а Република Македонија заслужува да биде дел од демократскиот свет“, рекол Заев на средбата со амбасадорот Бјорнстад.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.