Заев: Владата го вклучува целото општество во реформскиот процес за евро-атлантските интеграции

Сакам да зборувам отворено поради тоа што со граѓанското општество, овие теми коишто денеска сакаме да бидат старт на операционализација се многу јавно и транспарентно отворени и навистина општеството ни е напеналено за самиот почеток на реформскиот важен процес за Македонија, рече премиерот Зоран Заев на средбата со претставниците на граѓанскиот сектор.

„Извлековме и позитивни работи од политичката криза, веројатно ваквите стојалишта коишто денеска ги имаме сите доволно се силна мотивација да отпочнеме еден многу сериозен процес кадешто буквално сите сме поканети со своите лични капацитети да се вградиме во него и да дадеме сериозен придонес во она што значи подобрување на севкупните услови за живот на граѓаните во Македонија. Јас како премиер и Владата што ја предводам сме подготвени да овозможиме услови за ангажман и вклученост на целото општество, во сериозниот реформски процес што го поставивме пред нас“, рече Заев.

Оцени дека целта била „голема, стратешка и неопходна“ за Република Македонија и за граѓаните.

„Таа се нарекува развој. Тоа се перспективите на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тоа е шанса за достоинствен живот на граѓаните и на семејствата во оваа наша земја и мотив за нашите млади да останат да живеат и работат во ова наше единствено општество“, рече Заев.

Посочи дека целта на неговата влада е до крајот на годината Република Македонија да добие „чиста препорака“ за почеток на преговорите со ЕУ, а идната година да добие и датум за почеток на преговорите за пристапување на Унијата.

„Владата, во првиот месец од мандатот го направи првиот чекор и го обезбеди позитивниот амбиент за остварување на овие цели. Покажаме посветеност кон вредности, подадовме рака за соработка: преку политиките на инклузивност во државата, преку политиките на мостови кон соседите и преку политиките на отвореност кон нашите стратешки партнери, ЕУ и НАТО. Тоа е препознаено од европските институции и од Брисел коишто се подготвени да ни помогнат, да ги откочиме евро-атлантските интеграции. И ние како Влада ја препознаваме својата одговорност“, рече премиерот.

Заев нагласи дека денешната средба претставува негова порака дека Владата гледа партнер за реформскиот процес во сите „демократски и граѓански ориентирани сили во државата“, тоа се политичари, експерти, истакнати индивидуалци. Додаде и дека како Влада, ќе соработуваат со парламентот, државните институции, сите политички партии, граѓанските организации, синдикатите, коморите, заедниците, медиумите, граѓаните.

Активно ќе поттикнуваме, продолжи Заев, учество и вклучување на сите заинтересирани да бидат дел од создавањето суштински реформи и во сите суштински процеси на носење одлуки, за кои оцени дека се реални и остварливи.

„Тоа се итните реформски приоритети коишто произлегоа од Извештајот на експертската група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе и од извештаите на ЕК за пристапување на Македонија во ЕУ. Граѓанскиот сектор го има веќе подготвено и блупринтот, којшто ќе биде од огромна помош на целиот овој процес. Многу од точките и прашањата од Извештајот на Прибе беа отворени во текот на преговорите од Пржино. Со работата на некои од нив, државата успеа да спроведе кредибилни избори и да отвори пат на демократските процеси“, рече Заев.

Но за да профункционира правната држава, за да се обезбедат независни институции, објективни медиуми, професионална полиција, како што рече Зае, потребни се реформи за коишто е потребна силна политичка волја, енергија, ентузијазам, надеж, верба и храброст. Рече дека сето тоа постои кај Владата и оти препознава дека оптимизам и позитивна енергија има и меѓу граѓаните.

„Нема да биде лесно. Но, вие граѓаните сте креативната сила на Владата.И јас сум уверен дека заедно ќе ги затвораме важните државни прашања, со што долгорочно ќе ја обезбедиме потребната политичка и економска стабилност во Македонија. Овие процеси ќе бидат целосно отворени за учество на секој заинтересиран, целосно транспарентни и отчетни. Успесите на оваа Влада се успеси на граѓаните на Македонија и на државата Македонија“, порача Зеав.

Поради тоа ги повика сите фактори во општеството, и власта и опозиција, граѓански сектор, политичари и експерти, да ја увидат својата личната одговорност, и колективната обврска што ја имаат како граѓани, да го обезбедат неопходниот општествен консензус за суштинските прашања.

„Ја имаме помошта и поддршката од партнерите на Македонија во Европската унија. Тоа што ќе го сработиме за евроинтеграциите ќе биде резултат и за нашата интеграција кон НАТО, чиишто врати повторно се отвораат за Република Македонија. Успехот и ловориките од целиот успех ќе бидат заеднички на сите. Пред се, на граѓаните, на граѓанскиот сектор, ескпертите, опозицијата и власта“, уверуваше Заев

Најави дека ќе се формираат работни групи со граѓанскиот сектор, по тематски области, за секој да може да го даде својот максимум, со идеи и предлози за реформскиот процес. Придонесот од денешните работни групи со граѓанскиот сектор бидете уверени дека ќе биде земен предвид во утврдувањето на реформскиот Акционен план.

„Оваа денешна средба со граѓанскиот сектор е силна порака и до сите граѓани на Македонија. Бидете гласни, сакаме да го слушнеме вашето мислење“, рече премиерот и порача дека Владата е подготвена сериозно да соработува со сите во општеството, за да го сработиме тоа што ќе го работиме ефикасно и квалитетно за потребните реформи коишто претстојат.

Заев рече и дека со овој начин на работа Владата отвора ново поглавје во практикувањето на политиката.