Жежов: Бугарската држава со ништо не го помогнала кревањето на Илинденското востание

Илинденското востание најдобро било подготвено во битолскиот огруг. Бугарската држава со ништо официјално не го помогнала кревањето на Илинденското востание и за тоа постојат голем број на историски факти, смета Никола Жежов, професор по историја.

Говорејќи за односите помеѓу Македонија и Бугарија во историјата, со акцент на Илинден, Жежов вели дека постојат докази дека претставништво на ВМРО се обратило до Софија и побарало помош од бугарската Влада за организирање на востанието, меѓутоа добило негативен одговор.

„Востанието е самостојно, автохтоно. Водачите се македонски револуционери, членови на ВМРО. Во главниот штаб во битолскиот револуционерен округ каде е најмасовно, раководители се Борис Сарафов, Даме Груев и Анастас Лозанчев. Нема документи дека бугарска војска стигнала на тероторијата на Македонија, иако некои бугарски дејци ветиле дека ќе испратат помош“, појасни Жежов.

Смета дека науката треба да си остане наука и не треба да влезе во служба на политиката.

„Оној момент кога политиката ќе се вмеша и ќе стане инструмент за злоупотреба на историјата доаѓа до искривување на фактите. Етногенезата на македонскиот народ се разликува од таа на бугарскиот народ. Постоењето на македонската нација е историски факт и тоа не може да го негира никој. Проблемот е комплексен. Пристапот на бугарските историчари и нашиот е различен. Сме разговарале на различни конференции на овие теми и нашите ставови по овие прашања се разликувале, но сме ги почитувале разликите“, истакна Жежов притоа споменувајќи бројни имиња од историјата кои рекле дека македонскиот народ е народ различен од бугарскиот, српскиот или кој и да е друг народ.

Според него, македонската историска наука е прилично објективна во поглед на објаснувањето на историските настани, личности и процеси.

„Им даваме соодветен правец и на студентите кои ја изучуваат оваа наука. Македонската историска наука е една од ретките ако не и единствена на Балканот што не поттикнува национална омраза, шовинизам, или негирање на други народи. Македонските историчари за време на 90-те години во крвавите конфликти со ништо не го поттикнуваа македонскоит народ и останатите националности во Македонија да учествуваат во расплинување на страсти за избивање на граѓанска војна“, рече Жежов.